mchi

Прес центар

Тунтев: Нашите намери се искрени и во интерес на Македонија, обезбедуваме едно општество за сите

dbi

18.01.2018

Одговори на новинарски прашања,
Томислав Тунтев, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата
Скопје, 18.01.2018

Медиуми: Дали Столтенберг разговараше нешто околу преговорите за името?

- Не, значи јас како координатор на најголемата пратеничка група во Собранието на Република Македонија, имав чест пред почетокот на седницата на која што се обрати Генералниот секретар, господинот Столтенберг, да имаме средба како координатори со Претседателот на Собранието, Генералниот секретар, амбасадорите на НАТО итн, на кој што изрази навистина задоволство од она што Република Македонија од 27 април, ќе се обидам да го парафразирам: „Кога целиот свет остана згранат и зачуден за тоа што се случуваше во ова Собрание, за колку кратко време е постигнат колку голем напредок“ и тоа ги потенцира реформите што се во тек. Значи, усвојувањето, разгледувањето на пакетот реформски закони, добрососедските односи на Република Македонија, потенцирајќи го Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија, како и разговорите околу разликите за името во рамките на процесот на Обединетите нации.

Медиуми: Дали оваа посета значи дека сме блиску до НАТО?

- Секоја посета на Генерален секретар на НАТО значи голема порака. Значи дека сме на вистинскиот пат, значи поддршка, меѓутоа значи порака до сите фактори, не само до власта, туку и до опозицијата активно да се вклучиме, да ја завршиме работата за да овозможиме на граѓаните на Република Македонија, Македонија да стане рамноправна на НАТО алијансата и на ЕУ.

Медиуми: Дали вашата партија се уште стои на ставот дека треба да има референдум за името?

- Тоа ќе ја прашате мојата партија. Јас сум сега овде координатор на пратеничка група и ви одговарам на прашања во однос на посетата на господинот Столтенберг. Нашите изјави и ставови се јасни.

Медиуми: Господинот Столтенберг вчера и во минатиот период кажа дека Македонија може да се зачлени само и единствено ако го реши спорот со Грција, а спорот со Грција е промена на уставното име. Дали и сега беше истата порака пратена дека тоа мора да се врати во процесот?

- Значи, вие го чувте обраќањето на Столтенберг, процесот на надминување на спорот со Грција го водат преговарачки тимови и Владата на Република Македонија. Последниот предлог и деталите веројатно дополнително ќе се анализираат, така што јас сега во овој момент не можам да дадам никаков дополнителен коментар. Меѓутоа, можам да искажам задоволство што се фокусираме на затворање на овој спор и активно создаваме услови за позитивен исход.

Медиуми: Што значи тоа „активно создаваме услови за позитивен исход“?

- Како Собрание стоиме на располагање на сите процеси кои ќе ги договорат владините тимови, односно преговарачките тимови.

Медиуми: Член сте на владеачкото мнозинство и затоа ве прашувам, вие самите кажавте дека сте ја имале честа да разговарате со Столтенберг пред неговата изјава, значи прашањето беше дали тој ви кажал нешто повече отколку во изјавата?

- Истото беше, со тоа што претходно ни се обрати нам, како координатори на пратенички групи, не охрабри во реформските процеси, ги охрабри присутните да продолжат со патот кој е започнат во однос на добрососедската соработка и во однос на регионалната соработка. И всушност, неговото обраќање пред сите пратеници беше истото само во малку проширена верзија.

Медиуми: Како го коментирате потегот на претседателот Иванов да не го потпише Указот за Законот за јазици?

- Јас морам со жалење да констатирам дека претседателот Иванов повторно покажа дека не може да ги напушти политиките на поделби и раздор и дека не може или не знае да ги препознае европските вредности. Ние како парламентарно мнозинство сме искрени во намерите да обезбедиме едно општество за сите и за рамноправни граѓани. Законот за употреба на јазиците не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, тој е во целост со Уставот, со амандманот 5 и со неговото усвојување не губи никој. Македонскиот јазик и Македонското писмо останува единствениот јазик и писмо што се употребуваат на целата територија на Република Македонија и во меѓународните односи и централната полиција, одбраната и меѓународната политика. Сепак, знаејќи што значи демократска вредност, знаејќи што значи парламентарна демократија, знаејќи што значи кохабитација, и знаејќи ја важноста на моментумот, ние сме во очекување на она што го најави претседателот Иванов, дека ќе достави забелешки и дека во моментот кога ќе ги достави тие забелешки или извештај, или веќе не знам како ќе изгледа таа форма, студиозно и сериозно ќе ги разгледаме и ќе донесеме одлука како пратеничка група како ќе постапиме во понатамошниот процес.

Медиуми: Денеска во Собранието на дневен ред е и Законот за следење на комуникациите, на кој реагираа некои оператори во однос на трошоците. Дали сте запознаени со оваа иницијатива и дали се обратиле до вас?

- Не, до нас операторите не се обратиле. Ние го имаме предлог-законот од пред неколку дена меѓутоа заради отсуство на министерот на службен пат беа одложени за денеска во овој момент се разгледуваат дебатираат наши претставници околу овие предлог-закони и она што е предвидено е секако во насока на реформирање на безбедносните структури и по ефикасна цивилна контрола врз нив.

Медиуми: Во предлог-законот за јазици што не го потпиша претседателот Иванов се вели дека втор службен јазик во Македонија е Албанскиот јазик поради 20% од населението, ист толкав процент во една општина имаат и Ромите и во одредени општини и Турците, Србите, а Законот е таксативен и вели 20 проценти на ниво на држава, а не на општина?

- Не ви го разбирам прашањето, но уште еднаш ќе го реафирмирам идентичниот став. Македонскиот јазик и Македонското Кирилско писмо остануваат единствените јазик и писмо што се употребуваат на целата територија на Република Македонија и во меѓународните односи и во централната полиција и одбраната и меѓународната полиција, а нашата интенција со законот за јазици беше сите етнички заедници кои се наведени во преамбулата на Уставот да ги уживаат правата што една демократска земја треба да им ги овозможи во однос на користењето на нивниот мајчин јазик.

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени