mchi

Колумни

Зборот е збор

dbi

21.05.2016

Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 20.05.2016


Зборот е збор, почитувани, барем кај опозицијата! Kај властодршците, „зборот“ сфатен како гаранција на кажаното која ветува негово доследно одржување, веќе одамна нема никакво значење, ниту, пак, смисла.

Нивните „бетонирани“ зборови, се распрснуваат во камена прашина на лапорецот, секојпат кога ќе се судрат со моментот на нивното реално исполнување.

Ако се прашувате зошто, метафорично, најсоодветен би бил одговорот - затоа што немаат арматура. Арматура која ја одржува жилавоста и целовитоста на причинско последичниот логичен след – мислата, зборот и делото.

Арматура, односно чесност, искреност, интегритет, чистина во намерите, доследност во заложбата да се постигне напредок за мнозинството, без себично да се приграби незаслужена лична полза.

Нивните зборови се распрснуваат затоа што не се базираат на здрави темели на универзални, цврсти и непроменливи принципи.

Така се случи и со „бетон“ изборите закажани на 5 јуни, за кои, според ВМРО ДПМНЕ не постоеше ниту уставна ниту законска можност да се откажат, но штом затресе екот на граѓаните кои масовно протестираат против едностраните одлуки за избори и аболиција, бетонот се распука, а од пукнатините излезе и алтернативата за одлагање на потенцијално нерегуларните јунски избори на 5 јуни.

Со што ли само сега претседателот на ВМРО- ДПМНЕ и истакнатите поединци во партијата ќе ги уверуваат своите членови дека нив сепак треба и понатаму да им се верува. Ќе убедуваат дека Демократската унија за интеграција, нивниот коалициски партнер ги прејде? Дека меѓународниот фактор ги обработи? Дека СДСМ ги надигра?

Што и да кажат, излегуваат губитници и тоа трикратни, а тоа членовите на партијата на власт многу добро го знаат и чувствуваат.

Тие знаат дека нивната партија на чело со Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и останати, е осудена на секојдневен пад чиј тренд со сигурност ги носи во опозициониот терен. Впрочем, ВМРО- ДПМНЕ по својот легитимитет е веќе опозициона партија, партија без мнозинска поддршка од граѓаните на Република Македонија.

Одлагањето на изборите закажани во јуни всушност претставува последниот аргумент за еден партиски член, кој од идеолошки причини и со љубов е во ВМРО - ДПМНЕ, за целосно одлагање на поддршката кон раководството на истата.

На овој аргумент за одлагање на поддршката кон раководството на владејачката партија му претходеа и аргументите за лажната сторија за аферата „Пуч“ содржана од странски служби, мрачни сили, жолти комбиња и базни станици, лага со која лично Никола Груевски се обиде во очи да ги манипулира граѓаните, но и членовите на својата партија.

Потоа следуваше проектот „Вистината за Македонија“, па следуваа трите оставки на Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески, па договорот од Пржино, специјалното јавно обвинителство, преодната влада, оставката на Груевски, кривичните пријави од страна на СЈО и бројните криминални дејствија обелоденети од опозициските кадри вградени како контрола на власта, одлагањето на изборите закажани за 24 април, аболицијата на десетици криминалци во власта, т.е. половина Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, за на крај да дојдат и одложените јунски избори на 5 јуни.

Со вакво повлекување од своите ставови, јасно се отскрива лажната слика за непопустливоста и цврстината на водачот, т.е. сликата дека назначениот лидер воопшто е лидер, туку човек кој лаже и се бави со криминал.

Правото за употреба на фразата „Зборот е збор“ на раководството на владејачката ВМРО - ДПМНЕ неформално му е целосно одземено, а во политиката зборот е главниот инструмент со кој се работи и дејствува.

Сега членството е на потег. Ќе дозволи ли продолжена депласираност на сопствената партија или ќе се спротивстави на обидите за внатрешната манипулација од корумпираните поединци, променувајќи ги.

Внатрешната моќ за себезакрепнување и обнова во ВМРО-ДПМНЕ мора да биде разбудена од вистинските вмровци кај кои зборот е навистина збор, а не слово напишано на тоалетна хартија (изум на актуелното раководство).

Kако и да е борбата за слобода и пад на режимот продолжува и понатаму со или без промените во владејачката партија, процес кој е неизбежен и несомнено ќе се случи во скорешна иднина. Иднина за чие создавање сме одговорни сите без оглед на верска, етничка и партиска припадност. Иднината на нашите поколенија.

Нашите деца, идните поколенија с` уште не ги познаваат овие форми и за нив единствено е важно она што отсекогаш било важно за сите нас, зборот да биде збор.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени