mchi

Колумни

Крајот

dbi

04.06.2016

Колумна на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ за „Слободен печат“, 03.06.2016


Најнов муабет со кој МВРО се обидува да го теши своето членство е дека ќе прогласеле победа над Шарената револуција денес. Очајни, многу се очајни. Веќе ни најтврдокорните поддржувачи на ДПМНЕ не веруваат на лагите на Никола Груевски и бандата која им ја има киднапирано партијата. Во главна улога деновиве е старо-новиот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Искрено човекот воопшто не го познавам. Ама како што тој самиот успеа себе си да се деградира во јавноста, ретко може некој друг, иако во ДПМНЕ има сериозна конкуренција. Приказната на криминалците од ДПМНЕ и ДУИ, зошто ја вратиле старата влада е дека да докажеле на домашната и меѓународната јавност дека се промениле и дека сега ќе биле најреформската влада која некогаш постоела. Мислам дека дури и кога криминалците од ДПМНЕ и ДУИ ги изговараат овие зборови, самите се штипат за да не прснат да се смеат.

Но, добро, еве да речеме дека навистина решиле да ги спроведат потребните реформи за да дојдеме до шанса за регуларни, фер и демократски избори. Прва работа што би требало да се реформира е веројатно Министерството за внатрешни работи. Да сум на местото на Емил Димитриев (навистина не би го сакал тоа), би внесол сосема нов концепт во МВР, со што би ги одземал аргументите за критика на сите кои го следат процесот. Но, наместо било каков напредок, сведоци бевме на инстант враќање на МВРО. Нема да ме зачуди ако Чавков не го вратил и кол центарот на ДПМНЕ во просториите на министерството. За инает на душманите. Без никаков осет, за командир на Алфите го врати и Пуки, обвинет за тортура од страна на Специјалното јавно обвинителство. Едноставно, целиот напредок кој се направи во МВР за време на преодната влада, за еден ден го вратија целосно назад.

Следниот чекор беа смешните обиди да се „справат“ со Шарената револуција. Целиот период откако почна Шарената револуција, ДПМНЕ покажа крајна безидејност. На протестите одговараше со контрапротести. Тие им пропаднаа, никаде ги нема. На фарбањето со боја, одговараа со неколку контра-фарбања. И од тоа се откажаа, не им одеше. МВРО пред некој ден се обиде да ги спречи граѓаните што протестираат да го бојат Собранието. Поставија двоен кордон надевајќи се дека граѓаните нема да може да дофрлат до зградата на Собранието. И за тоа најдовме лек, граѓаните дофрлија и пак го избоија Собранието. Следниот ден се откажаа и од тие обиди. Го приведоа возачот и комбето на Шарената револуција за да спектакуларно запленат бои и пиштоли на вода. Џабе им беше, им се смее цела Македонија. Но, и за тоа најдовме решение. Сега комбето го возат пратениците од редовите на опозицијата. И тоа им пропадна. Последните денови, целосно деградирајќи ја Националната гарда ја ставија да ја чува Триумфалната капија, па потоа и ја обезбедуваа со полициски сили и заштитни огради. Но, кога на протестот во средата граѓаните решија да поминат низ Триумфалната капија и повротно да ја „поздрават“ со по некоја боја, полицијата експресно се повлече и ги собра оргадите. Така што и тој обид на Чавков и МВРО не успеа. И така со ред, глупост до флупост, пораз до пора за криминалците од власта.

Сега сакам нешто најотворено да им порачам. Да, во комбето се возат боите, балоните и чаталите со кои Шарената револуција ги фарба симболите на режимот. Тоа комбе секој ден ќе го вози по некој пратеник од опозицијата, заедно со граѓаните кои протестираат. И ништо не можете да го спречите тоа. Апсете, запленувајте, палете, тепајте... Повторно ќе не има, повторно ќе дојдеме, повторно ќе фарбаме, повторно нема да успеете и ќе не има уште повеќе. Не можете да апсите и казнувате, колку што граѓаните се гневни и револтирани и можат да ви направат. Се што ќе направите, ќе ви се удри од глава.

Сакам да се обратам и до припадниците на Министерството за внатрешни работи. Готово е. Режимот е де факто срушен. Гледате и сами колку се очајни. Шарената револуција, нашата борба не е со вас. Вие не сте виновни за тоа што и се случи и случува на Македонија. Придружете ни се. Кога не сте на должност знам дека доаѓате и вие да фрлите по некој балон со боја. Но, многу брзо ќе дојде денот кога граѓаните ќе побараат од вас да ги спуштите штитовите и да го фрлите оружјето. Знам дека ќе застанете на вистинската страна. На страната на правдата, на страната на вистината, на страната на иднината на вашите деца, на страната на граѓаните на Македонија. Заедно.

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени