mchi

Колумни

Дали би гласале за загарантиран приход?

dbi

08.06.2016

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 07.06.2016 

 

Швајцарците на референдум во неделата гласаа против воведување основен приход, кој ако поминеше на секој возрасен граѓанин ќе му овозможеше месечен приход од државата во висина од 2.500 швајцарски франци, без никакви услови во поглед на вработеност, примања и слично. Од нашава македонска перспектива на екстремно ниски плати, се чини дека ваквата идеја е целосно луда. Но, дали е тоа така?

Корените на оваа идеја се јавуваат во хуманизмот. Во 16 век, Томас Мур во своето дело „Утопија“ ги дава зачетоците на идејата за минимален загарантиран приход, според која на луѓето што живеат во сиромаштија треба да им се даде одреден надомест за да достигнат одредено неопходно (минимално) ниво на животен стандард. Два века подоцна, во 18 век се јавува специјалниот случај на минималниот загарантиран приход, а тоа е идејата за основниот приход. Основниот приход треба да е повисок од минималниот за да обезбеди просечно (а не минимално ниво) на животен стандард. И него треба да го добива секој граѓанин, а не само сиромашните како кај минималниот приход, што овозможува неговото добивање да не предизвикува понижување за примателот. Денес, овие идеи стануваат се' поинтересни како за водечките економисти, како Кругман и Еткинсон, така и за политичари од рангот на Корбин, лидерот на лабуристите во Англија.

За да ја разберете идејата за основниот приход треба да имате предвид две работи. Првата е силниот технолошки прогрес, кој прави се' повеќе работни места да исчезнуваат за луѓето и се преземаат од страна на машините. На пример, работниците во фабриките се заменуваат со роботски раце, касиерките во супермаркетите со автоматски места за самонаплата, сметководителите се заменуваат со моќни компјутерски програми и слично. А ова е само почетокот на 21 век, веќе на дофат се и автомобили кои се управуваат без возач, роботи кои изведуваат хируршки интервенции... Клучно што треба да имате предвид дека ова не се работни места само на луѓето со најниски квалификации, туку во идниот период загрозени можат да бидат сите. Затоа, идејата за основниот приход не се однесува само на дел од популацијата, туку на секој граѓанин.

Втората работа е што плодовите на економскиот развој многу неправедно се распределуваат помеѓу граѓаните во најголем број од земјите во светот во последниве триесет години. Фин показател за ова е промашеното предвидување на големиот Кејнз од 1930 година. Тој тогаш предвидуваше дека по околу 100 години (во наше време) економскиот прогрес ќе овозможи во развиените земји луѓето да треба да работат само 2 до 3 дена во неделата за да имаат пристојна заработувачка за живот. Но денес 2 до 3 дена не само што не се доволни, туку работните места стануваат несигурни, од полно преоѓаат во хонорарно вработување, а за голем број од луѓето, потребно е и дополнителна работа за да обезбедат пристојна заработувачка за живот. А доходот и богатството на еден мал процент од популацијата забрзано се зголемуваат.

Не случајно централно место во кампањата за основен приход во Швајцарија беше една парада на роботи кои порачуваа: „Ќе ве ослободиме од ’рмбањето од понеделник до петок што го правите за да ги платите сметките!“ Пораката беше дека роботите не се нашите непријатели, како што многу често ни претставуваа во филмовите. Но, само ако се решиме за радикална редистрибуција на доходот и богатството. Преку воведувањето основен приход, со тоа што богатите и сиромашните ќе добиваат ист месечен приход, тоа не значи дека ќе ги направи и едните и другите побогати од порано. Богатите, а пред се', тие што ги поседуваат роботите, ќе треба преку даноците да платат за својот основен приход, а во голем дел и за основниот приход на сиромашните.

Поборниците на идејата за основниот приход истакнуваат неколку негови предности. Безбедноста која ја нуди основниот приход може да придонесе луѓето повеќе да се надградуваат во области кои навистина сакаат да ги работат, што ќе го воведе светот во нови насоки. Физичките работни места кои бараат повеќе труд ќе станат поплатени, бидејќи ќе се намали бројот на луѓето што ќе сакаат да ги работат. Основниот приход ќе помогне и да се исправат некои традиционални неправди, како на пример, дека главно жените се тие кои не се платени кога поминуваат многу часови во грижа за децата или семејството. И секако, воведувањето социјална програма, за која не постојат услови, многу ќе го поедностави администрирањето. Дури и на големиот мислител на слободниот пазар Милтон Фридман му се допаѓала идејата за воведување на основен приход бидејќи со него „ќе се укине торбата од специфични програми за социјална заштита“.

Противниците на идејата за основниот приход истакнуваат негови две главни слабости. Првата е неговото финансирање. Нема дилема дека тој многу ќе чини, иако дел од парите ќе се обезбедат и со замена на постојните програми за социјална заштита. Втората е што добивањето незаработени пари може да доведе до намалување на иницијативата за работа помеѓу граѓаните во општеството. А интересно е што главниот аргумент за негативното гласање на референдумот во Швајцарија беше сосем друг и беше даден од страна на десничарска партија. Според нив, во Швајцарија не е можно воведување основен приход, не поради неможноста да се финансира, туку поради отвореноста на границите. Неговото воведување ќе предизвика милиони луѓе да се обидат да се доселат во земјата.

Неуспешниот прв референдум за воведување на основниот приход е само почеток. Финска наредната година ќе започне пилот-проект со кој ќе го анализира влијанието на различните надоместоци на основниот приход врз иницијативата за наоѓање на работа. Исто така, и Холандија ќе започне со негово тестирање во градот Утрехт. Затоа, можеби ние денес на основниот приход гледаме со чудење исто така како што гледале современиците на Бизмарк кога биле воведувани загарантираните пензиски шеми.

За крај, ако се' уште мислите дека колумнава е посветена на социјалутописки идеи, имајте предвид дека минималниот загарантиран приход беше воведен во голем број земји од ЕУ како одговор на последната глобална криза од 2008 година. Затоа додека тие го анализираат основниот приход како следниот чекор, ние во Македонија сме сиромашни за овој концепт, но секако дека можеме да размислиме за воведување на минималниот загарантиран приход. Тој би им се давал само на оние луѓе кои живеат во сиромаштија и би бил условен со учество во работни програми или прифаќање на понудена работа. Неговата цел би била извлекување на корисниците над линијата на сиромаштија, која во моментов, според Државниот завод за статистика, изнесува месечно околу 200 евра за домаќинство. За почеток, почитувани работници, касиери, возачи, сметководители, хирурзи и сите други, дали би гласале за воведување на минимален загарантиран приход во Македонија?

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени