mchi

Колумни

Помали каматни стапки на кредитите

dbi

28.09.2016

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 28.09.2016

Дали знаете по која која каматна стапка го плаќате дозволениот минус на вашата кредитна или дебитна картичка?

Стапката на казнената камата е највисоката каматна стапка што банките можат да ја побараат од фирмите и граѓаните. Нејзината суштина е да се казни должникот кој ќе задоцни со исполнување на паричната обврска, односно ќе го надмине кредитниот лимит или дозволеното пречекорување. Нејзината висина е определена во Законот за облигационите односи како референтната стапка на НБМ зголемена за 8 процентни поени. Во моментов таа изнесува 12%, бидејќи референтната стапка е 4%.

Дали знаете по која каматна стапка го плаќате дозволениот минус на вашата кредитна или дебитна картичка?

Тоа е казнената каматна стапка или нешто многу блиску до неа! Ако не верувате проверете на веб-страницата на вашата банка. Каматната стапка на вашата кредитна картичка за износ до кредитниот лимит се движи околу 11%. Каматната стапка на дебитната картичка за позајмување во рамките на дозволеното пречекорување е веројатно многу блиска или еднаква на највисоките и казнени 12%.

Не е во ред банките да наплаќаат казнена камата за позајмување кое тие самите го одобриле. Банките секако дека имаат неприкосновено право да ја определуваат висината на каматната стапка врз основа на ризиците кои ги носи инструментот, но поставувањето на каматна стапка блиска до плафонот, само значи дека тие наплаќаат еднакво висока цена на некој што има лоша кредитна историја и на некој што никогаш не го поминал дозволеното пречекорување.

Можете ли да погодите кој е најпогоден од ваквата политика на каматните стапки на кредитните и дебитните картички? Овој пат малку ќе ви помогнам. Хипотекарните кредити, автомобилските кредити, па дури и потрошувачките кредити имаат значајно пониски каматни стапки од кредитните и дебитните картички. Затоа, ако треба да позајмите пари пологично е да ги одберете нив, отколку банката да ве исече на минусот на картичката. Но, една група граѓани не секогаш е во можност тоа да го направи. Која е таа?

Луѓето со ниски плати, коишто едвај врзуваат крај со крај во месецот. А, такви се мнозинството на граѓани во земјава. Тие немаат друг избор освен да влезат во минус на картичката. Тие мораат да ја финансираат својата тековна потрошувачка и по цена на многу високи каматни стапки. Знаете ли колкава е задолженоста на граѓаните спрема банките по основ на кредитни картички и негативни салда на тековни сметки? Во 2015 година, таа изнесуваше сериозни 327 милиони евра. Денес е веројатно повеќе.

За животот на кредит зборува и НБМ во последниот извештај за финансиската стабилност. Тие потенцираат дека најголемиот дел од вкупниот долг на домаќинствата кон банките (во сите кредитни инструменти, а не само кредитни и дебитни картички) е сконцентриран кај домаќинствата со нето-плата до 30.000 денари.

Затоа е потребно да се промени висината на казнената каматна стапка која што ја наплаќаат банките, така што во Законот за облигациони односи би се определила како референтната стапка на НБМ зголемена за 6 процентни поени. Тоа ќе значи дека казнената каматна стапка ќе се намали за 2 процентни поени и ќе изнесува 10%. Оваа стапка е блиска до казнената камата во Хрватска, 9,8%. Во Хрватска на референтната каматна стапка се додаваат 5 процентни поени.

На овој начин би се намалиле трошоците по основ на камати за многу граѓани во Македонија. Тие сигурно ослободениот вишок нема да го одлеат во странство, туку би го искористиле за купување на основните производи за живот. Зголемената потрошувачка секако дека би имала позитивни ефекти врз фирмите.

Намалувањето на казнената каматна стапка нема да ја наруши стабилноста на банките во Македонија. Тие остваруваат сериозни профити во време на ниска економска активност на граѓаните и фирмите во земјава. Намалувањето на плафонот на каматните стапки само малку ќе ја ублажи неправдата и ќе го намали уделот на сиромашните во профитите на банките, а за жал ќе остане она дека сиромашните плаќаат најскапо.

Не треба да се заборави дека постои и втората страна на каматниот распон. Тоа е цената која што ја плаќаат банките на депозитите на граѓаните. А, тоа е важно бидејќи ако го поедноставите проблемот се сведува на бакалница. Каматните стапки на депозитите се цената којашто банките ја плаќаат за производите коишто ги продаваат, додека каматните стапки на кредитите се цената која што ја добиваат при продажбата на своите производи.

Каматните стапки на депозитите постојано се намалуваат последниве години. Ако имате одредена сума денари и сакате да ги орочите по видување, подобро не трошете хартија за договорот. Во моментов банките ќе ви дадат каматна стапка од околу 0,01% на годишно ниво. Дури и орочувањето на денари на три години носи каматна стапка од околу 3%. Да не зборуваме ако сакате да се заштитите од валутниот ризик и да штедите во евра. Каматната стапка на орочените евра на три години носи каматна стапка само малку повисока од 1%.

Да бидеме фер, во земјава се намалуваа каматните стапки на депозитите, но и на кредитите во последниве години. Така, ако пред шест години просечните каматни стапки изнесувале 9,2% на денарските кредити и 7,3% на денарските депозити, денес тие изнесуваат 6,6% и 2,5%. Но, проблемот е што намалувањето на каматната стапка на депозитите е посилно. Тоа може да се објасни со зголемувањето на нефункционалните кредити, но и со комотната позиција во која се наоѓаат банките. Во недостиг на сериозни алтернативни инструменти за чување на своите заштеди, граѓаните ги оставаа своите депозити во банките, а тие пак се грижеа најмногу за својот профит.

Затоа државата треба да реагира и да ги заштити ранливите. Помалиот кредитен распон е здрава работа. Тој ќе ги принуди банките да станат поефикасни во своето работење и ќе мораат повеќе да се насочат во кредитирање на потенцијално успешните бизнис идеи.

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени