mchi

Колумни

Агонија и очај во македонската одбрана

dbi

29.09.2016

Колумна на Максим Димитриевски, претседател на комисијата за одбрана на СДСМ за неделникот Фокус, 29.09.2016

 

Неисполнување на стратегиската цел, влез на Република Македонија во НАТО, застој на реформите, одбрана ставена на маргините на општеството. Вака најкусо може да се опише состојбата во секторот – одбрана на Република Македонија, во изминативе 10 години од владеењето на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од 2006 година, сведоци сме на маргинализацијата на секторот – одбрана, а посебно на институцијата Армија на Република Македонија (АРМ) за сметка на милитаризацијата на полицијата. Реформските активности за членство во НАТО се замрзнати, а се врши и целосна партизација на одбраната и АРМ и по вертикала и по хоризонтала.

Евидентен е индиферентниот однос на владата на ДПМНЕ спрема една од стратегиските цели на државата, членството во НАТО. За ова најјасно и најпрецизно говорат бројките од буџетот што го одвојува државата за секторот – одбрана. Континуирано 10 години оваа влада го крати буџетот на Министерството за одбрана (МО), и покрај декларативните заложби за зголемување на финансиските средства. Имено, буџетот за одбраната од 2006 година бележи сукцесивен пад, од 2,4 отсто од БДП до фрапантни 1 отсто од БДП на Македонија за 2016 година.

Колку за илустрација, буџетот за одбраната за 2006 година изнесуваше приближно 145 милиони евра, а декада подоцна е намален за третина и изнесува околу 90 милиони евра. Со ребалансот на Буџетот на РМ во јули годинава, буџетот за одбраната е намален за околу два милиона евра, а со вториот ребаланс во август (поради поплавите), за дополнителни половина милион евра. Во моментов, околу 70 отсто пари од буџетот на МО се трошат на персонални давачки – плати на вработените и нови вработувања, а околу 25 отсто од износот се троши на операции, обука и одржување. Само 5 отсто средства се наменети за „модернизација“ и опремување на одбраната.

ПАРТИЗИРАНА КАДРОВСКА ПОЛИТИКА

Министерството за одбрана нема изработено никаква кадровска програма која треба да ја опфаќа систематизацијата по работни места. А, не може да стане збор ниту за некаков систем на персонален менаџмент, во овој период откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш со промената на власта во 2006 година, незаконски се разрешени повеќе од 30 раководни државни службеници, почнувајќи од државните советници до раководителите на сите подрачни одделенија во Министерството.

Персоналниот и професионалниот систем за градење кариера кој беше етаблиран како резултат на реформските активности во МО за време на владата на СДСМ беше комплетно уништен под налетот на вмровското-кадровско цунами и оттогаш наваму АРМ и МО се изложени на целосна партизација.

Комплетно е исфрлена „Стратегијата за управување со човечки ресурси“, а запре и реализацијата на политиките и програмите кои произлегуваа од документот. Без функционална визија за реформирање и осовременување на оваа област, повеќе од два пати се зголеми бројот на вработените во Министерството, проект кој беше покриен со нова систематизација на работните места во МО, која од околу 570 пополнети работни места на крајот на 2006 година, за само една деценија подоцна, во стилот на преродбата и партизацијата на системот, денес предвидува трипати повеќе или 1750 лица и над 1000 вработени. Систематизацијата се менува во согласност со дневно-политичките мотиви на власта, се прават структурни промени кои создадоа комплетен хаос во менаџирањето на персоналот во Министерството.

Она што фактички се случуваше во Министерството за одбрана е антипод на системското менаџирање со кариерата на воениот и цивилниот персонал. Скандалозни кадровски решенија, непочитување на напредувањето со прескокнување на неколку хиерархиски скалила, дури и за највисоките чинови, секојдневни скандали, проблеми, тензии и незадоволство кај воениот и цивилен персонал, ја анимираа јавноста во РМ како никогаш досега.

Последното кадровско цунами во АРМ се случи, откако на функцијата началник на Генералштабот (ГШ) на АРМ кон крајот на 2015 година е именуван генерал потполковникот Методија Величковски. Тогаш итно се разрешени над 600 офицери и подофицери во АРМ и распоредени се на други непостоечки работни места, во формација која што до ден денес не е усвоена како официјален документ. Партизацијата во армиските редови е нагласена како никогаш досега. Дното е достигнато со неформалните критериуми за служење во мисиите во кои учествува АРМ, се шпекулира за многу злоупотреби, партиски филтри и непрофесионални селекции и избор на кандидати кои фрлаат голема дамка на нашите професионалци.

МО ВДОМУВА ПАРТИСКИ КАДРИ ПРЕД ИЗБОРИ

Сега пред избори, за да се задоволат апетитите на партиските кадри, Министерството за одбрана предизборно унапредува и над 70 административни службеници и тоа преку интерен оглас по скратена постапка. Постапката за избор на воените аташеа за служба во нашите дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) е уште поскандалозна – некои од досега распишаните огласи беа со важност од неколку часа!

Истите постапки се повторуваат и при реализацијата на конкурсите за прием на нови професионални војници, селективност, партиска припадност и непотизам.

Се работи исклучиво за партиски војници на ДПМНЕ и ДУИ и многу ретко се среќава кандидат кој не го поминал партискиот филтер.

Стандардот на припадниците на АРМ е паднат на најниско ниво. Војниците немаат униформи, обувки, им се сервира несоодветна храна, не им се исплаќаат дневници и други надоместоци во согласност со законската регулатива. Објектите на АРМ се руинирани, евидентен е недостигот од материјално-технички средства и други ресурси за тековно функционирање. Оваа состојба целосно го демотивира персоналот.

Војниците во граничните реони во контекст на мигрантската криза ги извршуваат своите задачи и обврски во скандалозни услови, во ситуација на огромен ризик. Поплавите во скопско само ја исфрлија на виделина очајната состојба на АРМ. Без соодветна опрема, средства, инженериска механизација и други ресурси, војниците беа испратени во кризните региони речиси голораки да се справуваат со последиците од поплавите.

Ова никако не смее да си го дозволи држава-аспирант за НАТО и за ЕУ.

За скандалот да биде уште поголем, владата на ДПМНЕ и ресорното министерство со подготвен список и спецификација на опрема, очекуваа помош од странство. Вака планираат да ја опремат АРМ со основни средства за справување со кризни ситуации!? Впрочем, министерот Зоран Јолевски ова јавно го потврди.

Од друга страна, парадоксално, владата објави почеток на модернизација и опремување на АРМ со над 300 милиони евра, фиктивни средства за стратегиски проекти. Со тоа сме сведоци на невидено предизборно понижување, омаловажување и потценување на припадниците на АРМ и на целокупната јавност во државата. На манипулациите од страна на власта им нема крај. Ова претставува и голем срам за граѓаните. Но, тука приказната не завршува!

ПРЕДИЗБОРНИТЕ МАНИПУЛАЦИИ НА ЈОЛЕВСКИ

Пред секои избори, па и овојпат, владата на ДПМНЕ го активира проектот „АРМ – мој вистински дом“. Со ова практично власта, веќе шеста година, ја залажува јавноста во Република Македонија, посебно припадниците на АРМ. Впрочем, оваа приказна одлично се вклопи во преродбата на ДПМНЕ заедно со стотиците други „ЌЕ“ проекти, кои иницијално ја привлекоа јавноста и имаа позитивен одиум, а времето покажа дека мотивите на проектот беа единствено партиско-лукративни.

За да биде бруката уште поголема, министерот Јолевски деновиве уште еднаш ги понижи припадниците на АРМ, поделувајќи ги броевите на непостоечките, фантомски станови на идните „корисници“. Јавноста, по којзнае кој пат, повторно беше изманипулирана.

Општо земено, сите реформски проекти и активности, цела една декада од владеењето на оваа власт се практично во застој. За илустрација, еден од стратегиските документи, „Динамичкиот план за развој на одбраната“, предвиден за 2007 година е донесен 5 години подоцна. Како последица на импровизации, аматеризам, дилетантизам, немање капацитет, визија, знаење и соодветни човечки ресурси за реализација на предвидените реформи во одбраната и создадените предизвици, сведоци сме на оваа состојба на агонија и очај во македонската одбрана. Иако овој сектор треба да биде приоритет на секоја развиена држава, зашто е столб на независноста, државноста, суверенитетот и гарант на безбедноста на граѓаните, основ за развој на сите останати сегменти во секоја развиена земја.

Целата оваа состојба со македонската одбрана е загрижувачка, веќе одамна ја помина црвената линија, време е да се преземат конкретни чекори, да се врати достоинството, да се зајакне одбранбениот капацитет и да се остават професионалците и вистинските патриоти да ја вршат својата задача согласно уставот и законите.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени