mchi

Колумни

Реформи во образованието

dbi

19.10.2016

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник,19.10.2016

 

Замислете сиромашна земја. Поделена на црвени и бели. Опкружена со моќни соседи кои сакаат да зграбат парче од нејзината територија. Вие сте исправени пред задача да и' донесете подобра иднина на таа земја. А, имате шанса да направите промени во образованието. За што ќе се определите? За дисперзирани студии во секој град? За повеќе наставници во училиштата? За повеќе предмети? Или, пак, за нешто друго?

Ајде за почеток да одиме назад во времето и да видиме каков избор направил некој друг. Некој што добро ја завршил работата. Затоа одиме прво до крајниот север на Европа.

Финска беше сиромашна земјоделска земја на почетокот на минатиот век. Нејзините моќни соседи, Русија и Шведска, имаа постојани аспирации кон неа. Во 1918 година и' се случува братоубиствена граѓанска војна. Луѓето се делат на црвени и бели, а се зборува дека и ден денес ако одите во село во Финска ќе ви кажат кое семејство било на страната на црвените, а кое на белите. Згора на тоа имаат и проблематично учество во Втората светска војна, од која излегуваат со губење на дел од својата територија.

Реформата на образованието во Финска започнува пред околу педесет години. Таа содржи три главни елементи. Првиот е игра и креативност. Карактеристично за Финска е што „подоцна“ се тргнува на училиште. Таму се почнува од седумгодишна возраст, бидејќи тие веруваат дека децата до седум години не смеат да бидат затворени во училници, туку треба да играат и да бидат активни. А, најголем дел од времето во градинките го поминуваат надвор, независно од времето, дури и во зима. Во училиштата, Финците се водат по она - помалку е повеќе (less is more). Учениците во Финска имаат само три или најмногу четири часови на ден кои траат по 75 минути. Помеѓу нив вообичаено имаат големи паузи кои повторно ги поминуваат надвор дружејќи се и имајќи спортски активности. Тие знаат дека учениците кои премногу седат во клупите почнуваат да го губат вниманието, а дека помалото време на настава им овозможува на наставниците да бидат пофокусирани, поорганизирани и да имаат подобар план за предавање на лекциите.

Клучно за овој прв елемент на игра и креативност во образованието е што Финците не го прифатиле западниот пристап на „учење до тест“ во образованието. Тие водени од определбата за еднаквост во општеството ги исфрлиле селектирањата на децата и формалните тестирања. Учениците воопшто не се оценуваат во првите шест години од нивното образование. Првиот задолжителен стандардизиран тест учениците го полагаат на шеснаесетгодишна возраст. Немањето притисок од тестови прави учениците образованието да не го гледаат како нешто тешко и лошо. Напротив, образованието за нив е нешто убаво и креативно.

Вториот елемент се добрите наставници! Тука логиката е јасна. Само добри наставници можат да создаваат квалитетно образование. Затоа наставниците се избираат од најдобрите 10 проценти од дипломираните студенти во Финска. Тие мора да поминат серија на интервјуа кои ја проценуваат нивната дарба да предаваат и да воспитуваат деца. Згора на тоа, мора да имаат завршена магистратура независно дали предаваат во основно или средно училиште. Но, затоа имаат одлични плати и статус во општеството на ниво на доктори или адвокати.

Посебно важно за овој втор елемент е што Финска посветува огромно внимание на доусовршувањето на наставниците. Дури, финските наставници поминуваат повеќе часови на обуки и семинари за професионален развој во споредба со американските наставници.

Третиот елемент на финското образование е вниманието што му се дава на индивидуалниот ученик. Таму класовите се мали. Вообичаено едно одделение има 15 до 20 ученици. А, интересно е што во основното училиште до шесто одделение учениците имаат еден ист наставник. Учениците не се предаваат на други наставници во овој период. Намерата тука е наставникот одлично да ги познава своите ученици. Тој треба да ги знае нивните индивидуални потреби и проблеми. А, ако ова се поврзе со немањето на тестови се доаѓа до основната премиса на финското образование: „Ние ги подготвуваме учениците да научат како да учат, а не да полагаат тестови. Ние знаеме многу повеќе за учениците отколку што еден тест може да ни каже“.

Овој пристап обезбедува топлина, охрабрување и помош за учениците, наместо стрес и контрола над нив. А, тие одат и многу чекори понатаму. Финскиот образовен систем се карактеризира со највисок процент на менторска работа со учениците во светот. Околу 30 проценти од учениците во основните училишта добиваат дополнителна помош работејќи индивидуално-менторски со своите наставници.

Оваа реформа на Финска не само што и' донесе подобри знаења за учениците, туку таа е и една од клучните причини за високиот животен стандард на Финците. Подобрите знаења на работната сила значат повисока продуктивност на трудот, а пак продуктивноста е најважниот фактор за растот на платите и животниот стандард.

Денес финскиот образовен систем е устоличен на врвот во светот. Нивните ученици постојано остваруваат извонредни резултати по математика, јазици и наука на меѓународните ПИСА тестови. Но, интересно е што беше потребно да поминат 30 години од реформата на образованието во Финска за светот преку ПИСА тестовите да ги увиди нивните резултати. А, секако „вина“ за ова имаат и самите Финци. Тие се по природа молчеливи. Нема да сретнете Финец кои ќе ви се фали за нивното образование. Јас една година бев заедно во кабинет со Финец, кој е одличен математичар и денес предава на Империјал колеџот во Лондон, но тој никогаш не кажа дека доаѓа од еден од најдобрите образовни системи во светот. Иста е приказната и со другите професори Финци кои ги среќавам на конференциите по светот. Затоа главната идеја на оваа колумна е дека ние во Македонија, кои се фалиме дека сме први по она, или трети по ова во светот, мора да направиме вистинска реформа на образовниот систем. И не треба да измислуваме. Таа треба да се заснова на неколку едноставни елементи.

Македонија мора да го намали бројот на предметите во училиштата. Идиотизам е децата да бидат преоптоварени, за на секој наставник да му се даде да предава различна дисциплина. Помалиот број на предмети ќе значи повеќе простор за учење на клучните предмети како математика, јазици, наука и слично. А, ако се прави во помали класови во кои учениците ќе добиваат и индивидуална помош од наставниците ќе имаме резултати.

Фокусот во образованието мораме да го поставиме на развојот на креативноста на децата. Тие треба да среќни и задоволни во училиште, а не да бидат постојано исплашени од тестовите. Децата треба да седат помалку во клупите, а повеќе да се дружат и играат во училиштата. И тоа надвор. Ако можат Финците на -20 Целзиусови степени, зошто не би можело на југот на Европа. А, ова треба да важи и за градинките. И секако, треба да се размисли да се воведе секој ден час по физичко во училиштата.

За да успее реформата, Македонија мора да ги заостри критериумите за тоа кој може да предава на деца. Ќе имаме квалитетно образование, само ако во него предаваат најдобрите студенти кои постојано се усовршуваат. Не може обратното! А, затоа мора да се зголемат платите и да се врати достоинството на професијата наставник во земјава.

Македонија нема друг избор. Потребна е реформа на образованието ако сакаме нашите деца да имаат подобра иднина.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени