mchi

Колумни

Што е со податоците за невработеноста и сиромаштијата?

dbi

02.11.2016

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник,01.11.2016


Економските законитости изгледа дека престанаа да важат во Македонија во последниве години. Спротивно на Окуновиот закон, Државниот завод за статистика објавува значајно намалување на невработеноста во услови на намалена или забавена економска активност. Слична е состојбата и со податоците за сиромаштијата во земјава.

Државниот завод за статистика податоците за невработеноста и сиромаштијата ги добива преку анкети. Анкетата за работна сила (АРС) е изворот на податоците за вработеноста и невработеноста во Македонија, додека Анкетата за приходи и услови за живеење (СИЛК) е основа на податоците за сиромаштијата и распоредот на луѓето во земјава според приходот.

Двете анкети прават испитување само на дел од популацијата. Така во АРС се извлекува примерок од 5.000 домаќинства и во нив се анкетираат лицата на возраст од 15 до 79 години, а во СИЛК примерокот содржи 5.030 домаќинства и се анкетираат лицата на возраст од 16 и повеќе години кои живеат во нив.

Ова делумно набљудување на популацијата се користи во сите земји на ЕУ. Идејата е да се донесат заклучоци за состојбата на популацијата врз основа на тоа што се утврдува во примерокот. Притоа, најважно е примерокот верно да ги отсликува карактеристиките на популацијата од која е извлечен. А, три фактори влијаат на тоа колку добро примерокот ја претставува популацијата: (1) рамката од која е извлечен примерокот, (2) големината на примерокот и (3) специфичниот дизајн на процедурата за избор на единиците во примерокот.

Дури и да се претпостави дека Државниот завод за статистика е независна институција која не подлежи на влијанија од власта, нивните анкети имаат огромен проблем со првиот фактор. Дали знаете зошто?

Рамка за примерокот во анкетите на Државниот завод за статистика претставуваат податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во 2002 година. Да, во 2002 година! Секако причина за ова е што актуелната власт во земјава не успеа да спроведе попис во 2011 година. А, нема дилема дека популацијата во Македонија е сериозно променета во споредба со пред 14 години. Дури билатералните емиграциски матрици на Светска банка покажуваат дека 179 илјади лица ја напуштиле Македонија само во периодот од 2010 до 2013 година.

Немањето точна претстава за популацијата значи дека примерокот не ги преставува верно карактеристиките на реалната популација. Државниот завод за статистика се обидува со методолошки корекции да го надмине проблемот на несоодветната рамка на примерокот во споменатите две анкети, но тоа е само негово ублажување, а во никој случај не претставува задоволително решавање. Притоа, вреди да се истакне и дека податоците за иселување на населението од Македонија на Државниот завод за статистика воопшто не кореспондираат со извештаите на развиените земји за доселувањата на македонските граѓани во нив.

Додека го чекаме следниот попис постојат повеќе работи коишто можат да се направат за да се подобри или провери кредибилноста на податоците за невработеноста и сиромаштијата во Македонија. Одиме по ред, од посложените кон поедноставните.

Регистрите на населението можат да обезбедат точни податоци за големината и карактеристиките на популацијата во Македонија. Тие треба континуирано да се ажурираат и да се вкрстуваат со различни извори на податоци, со цел во реално време (или барем во одредени интервали) да содржат информации за секој граѓанин по однос на неговите демографски карактеристики и работниот статус. Регистрите ќе ги следат и миграциите, бидејќи еден од клучните податоци кои треба да го содржат е време на доселување - отселување на секој граѓанин. Скандинавските земји одат дотаму што кај нив регистрите содржат податоци и за здравствената состојба и доходот на граѓаните бидејќи се поврзани со јавниот здравствен систем и со банкарските сметки. Притоа, особено е важно што вообичаено регистрите се достапни на истражувачката јавност (без да се добијат имињата на граѓаните), па често можат да се сретнат кредибилни анализи кои го испитуваат влијанието на пример на нискиот доход или одреден тип на занимање врз здравјето на луѓето.

Во отсуство на регистрите на населението, клучниот начин да се провери веродостојноста на податоците за приходите на граѓаните на Државниот завод за статистика е тие да се споредат со податоците на Управата за јавни приходи. Меѓутоа, управата се одликува со целосна нетранспарентност. Македонската јавност никогаш досега нема добиено информации за распоредот на граѓаните во земјава врз основа на персоналните годишни даночни пријави. Ова е во спротивност со праксата на развиените земји, каде што постојат дури и случаи во кои распоредите на граѓаните според приходот се поставени на веб страниците на соодветните институции и можат слободно да се истражуваат.

Слично на ова, Државниот завод за статистика е нетранспарентен за податоците кои се добиваат преку анкети. Тие објавуваат само податоци со високо ниво на агрегираност. А, за истражувачката заедница во Македонија се поставени бариери кои сериозно го отежнуваат пристапот до податоци со низок степен на агрегираност преку кои би можеле да се добијат согледувања за квалитетот на анкетите. Дополнително, за да се отстранат сомнежите за веродостојноста на податоците, Државниот завод за статистика и останатите надлежни институции треба редовно, месечно или квартално, да објавуваат податоци за: бројот на вработените во приватниот сектор, бројот на вработените во јавниот сектор, бројот на вработени на кои редовно им се плаќаат социјалните придонеси и бројот на вработените кои работат во полно работно време. На овој начин јавноста ќе добие подобар увид за случувањата на пазарот на работна сила.

За крај има една убава мисла на основоположникот на модерниот менаџмент – Питер Дракер. Тој вели: „Ако нешто не можеш да го измериш, тогаш не можеш ни да го подобриш“. Преведено во нашиов случај тоа значи дека Македонија мора да има точни податоци ако сака да има здрава економска и социјална политика.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени