mchi

Колумни

Стратегија за раст водена од платите

dbi

16.11.2016

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник,15.11.2016

 

Раст воден од платите (англ. wage-led growth) e стратегија за развој на економијата. Таа во целост се разликува од двете доминантни стратегии на неолиберализмот: раст воден од извозот (англ. export-led growth) и раст воден од долгот (англ. debt-led growth).

Стратегијата за раст воден од извозот започнува да доминира во светот од крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Нејзината идеја е да ги развива продуктивните капацитети во економијата со цел тие да освојуваат странски пазари. Најпознати примери за земји кои ја спроведуваат оваа стратегија се Азиските тигри: Јужна Кореа, Тајван, Хонгконг и Сингапур. Во Македонија, иако постојано се зборуваше дека е потребно развивање на домашните капацитети за тие да можат да извезуваат, не беше остварен никаков позначаен успех. Единствено во поглед на оваа стратегија конзистентна беше политиката на привлекување на странски инвестиции кои извезуваат производи од македонско тло.

Секако, проблематични се користите кои странските инвестиции ги создаваат за нашата економија. Освен отворање на ниско платени работни места, генерално не постои пренос на нови знаења и умеења, бидејќи во многу случаи станува збор за работа на лента. Исто така, не постои мултипликативниот ефект на странските инвестиции во економијата поради ниското ниво на поврзаност на домашните фирми со странските инвестиции. Од друга страна, тековната нетранспарентна политика на привлекување на странски инвестиции создава големи буџетски трошоци и овозможува огромни даночни олеснувања. А, тоа не' води кон втората стратегија на неолиберазлизмот.

Стратегијата за раст водена од долгот и' се случува на Македонија во последниве осум години. Во 2008 година јавниот долг изнесуваше 23,0 % од бруто домашниот производ (БДП), а денес тој изнесува 50,6 % од БДП. Згора на тоа, јавниот долг е поголем од тоа што го кажуваат овие бројки на Министерството за финансии, бидејќи тие не го вклучуваат долгот на Народна банка, негарантираните долговите на јавните претпријатија и преземените, а неплатени обврски на државата.

Проблемот со оваа стратегија е што таа ќе ви овозможи комодитет во определен број години (дури и ако не ги трошите парите како што треба), но потоа станувате зависни од неа. Се сеќавате на договорот помеѓу докторот Фауст и Мефистотел. Мефистотел му овозможува разни благодати во определен период, а Фауст му ја отстапува својата душа кога тој период ќе заврши.

Овие две стратегии се надополнуваат меѓу себе при реализацијата на основниот пакет на мерки на неолиберализмот, кој содржи три клучни елементи: напад на организираниот труд, дерегулација на финансискиот сектор и приватизација на јавните услуги. Нивната основна цел е растот на профитите на една мала група на луѓе, а зголемување на зависноста на мнозинството од населението.

Дали сакате малку податоци за остварувањето на оваа цел во Македонија? За тоа треба да се погледне БДП според доходовниот метод, кој што речиси и да не се коментира од „експертската“ јавност во земјава, туку секогаш се анализира БДП по производниот или расходниот метод. Според доходовниот метод, пазарната цена на сите производи и услуги што се создаваат во економијата се добива како збир на цената на трудот, амортизацијата на капиталот, профитот на претпријатијата и даноците на производите.

Колку мислите дека учествува профитот во пазарната цена на сите производи и услуги што се создаваат во Македонија? Во 2014 година (ова е последна година за која Државниот завод за статистика има објавено податок), профитот на претпријатијата изнесува 36 % од пазарната цена на сите производи и услуги што се создаваат во Македонија. Важно е да се нагласи дека учеството на профитот е силно зголемено во последниве десетина години. Така, на пример, учеството на профитот во 2002 година изнесувало 23 % од БДП.

Сега полесното прашање. На чија сметка е значајно зголемено учеството на профитот во БДП. Дали на сметка на трудот или на капиталот? Учеството на амортизацијата на капиталот во БДП е речиси непроменето во периодот од 2002 до 2014 година и изнесува помеѓу 18 % и 20 % од БДП. Учеството на вкупните надоместоци што претпријатијата ги исплаќаат на вработените (плати, даноци на плати, придонеси, надоместоци за храна и превоз, теренски додаток, регрес на годишен одмор и слично) во БДП е значајно намалено од 40 % во 2002 година на 33 % во 2014 година.

Стратегијата за раст водена од платите се базира на две идеи. Првата е дека растот на платите ќе направи луѓето повеќе да трошат и со тоа ќе се зголеми побарувачката во економијата. Ова идеја е во спротивност на неолибералната економска мисла, која платите ги гледа единствено како трошок за фирмите, односно таа смета дека зголемувањето на платите значи зголемување на цената на факторите на производство, а тоа пак води до помал интерес за инвестирање на фирмите. Но, уште Кејнз во триесеттите години на минатиот век го оспорува овој аргумент со прашањето: „Додека секоја фирма сака на своите вработени да им исплаќа пониски плати, не е јасно дали фирмите сакаат да се намалува општото ниво на плати, бидејќи тоа негативно ќе влијае на побарувачката на нивните производи?“ Секако, логиката е дека платите се и извор на побарувачка и цена на фактор на производство.

Втората идеја на стратегијата за раст водена од платите ја има во фокусот продуктивноста. Јасно е дека подобро платениот работник ќе биде позадоволен и повеќе ќе се грижи за квалитетот на остварувањето на неговите работни задачи. Исто така, растот на платите ќе создава притисок на сопствениците на фирмите да се грижат многу повеќе за продуктивноста со цел да ја заштитат својата профитабилност. Тие ќе бидат принудени да ги подобруваат производните процеси, да вложуваат во подобрување на знаењата на вработените, но и да ги отпуштаат непродуктивните вработени. Сето тоа ќе ја зголемува продуктивноста на економијата.

Стратегијата за раст на платите во Македонија може да започне со значајно подигнување на минималната плата и со државна поддршка на домашни фирми кои би отворале работни места со повисока плата од просечната. Потоа, неопходни се промени во поглед на подобро организирање на работниците при преговарањето на платите. На долг рок, успешноста на оваа стратегија ќе зависи од реформите кои ќе бидат направени во образовниот систем, бидејќи знаењата и вештините на работниците се основата на нивната плата.

Секогаш постои решение. Најважно е што ќе се избере!

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени