mchi

Колумни

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ

dbi

25.02.2017

Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 25.02.2017

 

Мошне интересна и впечатлива е старо-новата и општоприфатена фраза - „опозиционата ВМРО-ДПМНЕ“ која мнозинството граѓани на Република Македонија за првпат после долго време ја изрекоа на 11-ти декември 2016 година, а на нејзина масовна употреба, времето допрва и доаѓа.

Крикови на негодување се слушаат од бројните пукнатини на, до пред извесно време, непробојниот и цврст орев кој од внатре почнува да врие како котле на врел оган. Ах Никола, Никола што ли направи?.., во што ли не втурна?.., се најчестите промисли кои прострујуваат кај денешните опозиционери кои буквално незнаат кој пат да го фатат.

А тој, „лидерот“, Никола Груевски, небаре во имотниот лист му ја пишува како своина, ја мачи и ја измачува, најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, која час поскоро треба да ја собери сета своја сила и да го истисне заедно со останатите од криминогеното ткиво и да избере ново лидерство.

Наместо оставка и од претседател, затоа што и покрај заканите и уцените, потплатувањата и поткупувањата, списоците со сигурни гласачи, притисокот врз администрацијата и бројните малверзации, тој не успеа да обезбеди пратенички места колку што бараше и ветуваше, а ниту пак успеа да формира Влада, Груевски продолжува со макијавелистичките финти кои очигледно не му одат од рака.

Така е тоа кога народ е во прашање, кога огромно мнозинство граѓани ти вртат грб, а богами и членството на партијата.

Најпрво му засмета тоа што бил прекршен принципот „Победник-Победник“. Се измачи екс премиерот да елаборира дека сме биле мултиетнични, а тоа повлекувало едно правило кое што во минатото албанските партии го барале да биде и закон.

Се посочувало во минатото дека сме мултиетничка земја и дека специфичноста на нашата држава бара специфични модели, како што е овој принцип, што за ВМРО-ДПМНЕ било прифатливо. Продолжи со своето објаснување, Груевски, дека и самиот претседател на ДУИ тврдел дека ако не се земе најголемата партија кај Албанците во власта ќе има дефакторизација на Албанците во државата и газење на нивната волја.

Сега екс премиерот се лути на Ахмети затоа што токму тој го прекршил принципот кој го барал и со политички инженериг го дефакторизирал ВМРО-ДПМНЕ, пренабрегнувајќи го фактот дека пред нешто повеќе од два месеца, над 612.000 граѓани ја извршија најголемата политичка дефакторизација во македонската политика.

Конечно сите ќе сфатат дека принципот „победник-победник“ како правило е логичен и може да има смисла само во услови на здрава демократија и респект кон политичките противници, или има логика само кога има џентменство во политиката, а тоа е одамна девалвирана практика во нашата земја.

Потоа сериозно му посмета тоа што со законот за јазиците прифатен од СДСМ и ДУИ, Уставот не се менува, не се менуваат државните симболи, се зачувува унитарноста на државата и се обезбедува изградбата на едно општество за сите граѓани во Република Македонија.

И сега незнаејќи за што точно, Никола Груевски се подготвува да протестира, а како своја маша користи одредена група која го „продава“ оксиморон од спонтано-организирани протести по потреба.

Прво се нарекуваа ГДОМ-овци, кои долго време се обидуваа да осознаат што и од кого бранат, а сега се преформулираа во „Македонски патриоти“ – Тврдокорни од македонското патриотско здружение.

Наводно патриотите биле силно заинтересирани што е договорено во Мала Речица, а според нив, секој молк или одговор кој нема да е во склад со македонскиот Устав и законите, ќе биде мотив за протести преку кои ќе се бара одговорност.

Потенцираа и дека протестите немало да бидат од церемонијален карактер, а мошне чудно е што членовите на ова здружение на протестите се повикани да дојдат црна облека.

После ваков повик, не преостанува ништо друго освен да им се рече – Среќно, без потребното предвидување на нивните чекори штом дознаат дека Уставот не се менува, а законот е во склад со интересите на сите граѓани.

Но, независно од се друго, еден е факт кој е непобитен, ВМРО-ДПМНЕ конечно отиде во опозиција.Тоа е опозициона партија која ја чекаат големи предизвици од внатрешен карактер. Токму сега до израз треба да дојдат чесните и достоинствени членовикои судбината на нивната партија мора да ја земат во свои раце и мудро да одлучуваат.

Не смеат повеќе да бидат параван на криминалната структура која им ја узурпира партијата, туку треба сета своја енергија да ја насочат кон избор на ново лидерство, лансирајќи го најдоброто од своите редови.

Оваа опозициона партија и е потребна на Република Македонија како значаен коректив на новата власт предводена од Социјалдемокраскиот сојуз на Македонија.

На новопечените опозиционери можеме да им ги понудиме шаторите од „Кампот на слободата“, едукативна поддршка за организирање протести, можеме бесплатно да им ја дадеме инвентивната концепција на шарената револуција заедно со балоните и боите, можеме да ги охрабриме да научат да протестираат, но не можеме да им ја врежеме идејата за среќна, перспективна и напредна Македонија со живот во неа.

Не можеме да ги убедиме дека се протестира за добро, тогаш кога е очигледно лошо.

Неможеме да им го врежеме концептот и смислата за доброто, затоа што нивната цел и намера, не се ниту Македонија ниту нејзините граѓани, туку единствено спас на криминалците во врвот на неодамнешната власт на кои им претстои незавидна иднина полна со правда кон нивните злодела.

А нас граѓаните не чека Живот во Македонија исполнет со радост и перспектива за нашите идни поколенија!

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени