mchi

Обраќања

Заев: Еве ја Програмата за сите граѓани, на новата реформска Влада на унитарна и европска Македонија!

dbi

10.03.2017

Обраќање,
Зоран Заев, преседател на СДСМ,
10.03.2017


Почитувани граѓани,

Македонија мора да оди напред!
Денеска сум пред вас да ја објавам Програмата на новата Влада на Република Македонија.

Суштината на Програмата се основните потреби на граѓаните на Република Македонија.

Парламентарното мнозинство силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија, ја декларира својата силна политичка волја за формирање на реформска Влада која ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на Република Македонија, членство во НАТО и Европската унија и ќе обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза преку обезбедување реална поделба на власта, функционирање на правната држава и градење на силни и професионални институции.

Назадувањето заврши!
Никој нема право да ги блокира демократските процеси зад коишто застанаа мнозинството граѓани со пенкало и глас и избраа промени.

На граѓаните на Македонија им се неопходни повисоки плати и нови работни места, социјална сигурност, независни институции што ќе гарантираат правда за сите и ефикасни мерки против корупцијата, но и квалитетен здравствен и образовен систем.

За тоа мнозинството граѓани ја дадоа довербата на изборите, тоа е во интерес на сите граѓани во државата и тука сум да ве уверам дека цврсто стојам зад овие наши заеднички определби.

Се сретнав со многу луѓе, од целата држава, од секој дел на Македонија, тоа се очекувања на сите граѓани.

Како одговорен политичар, кој ја доби честа и одговорноста од вас граѓаните за состав на новата Влада, денеска сум тука да покажам дека ќе бидам премиер на сите граѓани на Република Македонија. Тоа значи дека секој од вас е подеднакво важен, така како што ветивме, независно од политичката определба, независно од каква било друга определба.

Го слушнав гласот на граѓаните од улиците. Ја разбирам загриженоста предизвикана од пропагандата на досегашната власт, којашто грчевито се бори да ја продлабочи политичката криза, затоа што во тоа гледа спас за себе од одговорноста што ќе следува за направените криминали и за криминално стекнатите лични богатства.
Само несериозни политичари можат да ги плашат своите граѓани со сценарија коишто немаат допир со државните и националните интереси на Република Македонија. Да зборуваат за унитарност, а да работат на поделби и омраза - на граѓанин против граѓанин, брат против брат, мајка против ќерка, татко против син.

Оваа опасна игра на Никола Груевски и неколкумина од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на којашто и дава простор да се развива Ѓорге Иванов како претседател на државата, не смее понатаму да ве вознемирува со лажните информации, во лажните вести, преку медиумската пропаганда.

Во духот на принципите за транспарентно и отчетно работење, по коишто ќе работи новата Влада предводена од СДСМ, ќе соопштам `се што содржи Програмата на новата Влада на Република Македонија. И потоа ќе одговорам на сите прашања на присутните новинари, граѓани, и на сите актуелни прашања што предизвикаа оправдана загриженост кај дел од граѓаните, поради бројните конструкции и невистини што излегоа во јавноста со единствена цел, да се предизвикаат немири и да се спречи мирен трансфер на власта.

Програмата на новата Влада на Република Македонија ги содржи принципите на предизборната програма на СДСМ насловена „План за живот во Македонија“ како и на предизборните програми на партиите кои освоија пратеници во Собранието и кои се дел од новото парламентарно мнозинство.

Во составувањето на Програмата на новата Влада, се водевме исклучиво од принципите прифатливи за сите граѓани на Република Македонија. Не само за граѓаните кои се спротиставија на режимот и не гласаа за него, туку и за секој поединец кој сака да живее добро во оваа наша земја.

Нашите стратешки цели се:

-Подобар живот за сите граѓани
-Развој на економијата
-Враќање на демократијата, владеењето на правото и на правдата,
-Ефикасни институции
-Интеграција во Европската Унија и во НАТО
-Подобрување на меѓународниот углед и позиција на Република Македонија.

Од тука, денеска ви ветувам:

1. Република Македонија ќе биде држава за сите граѓани.
Владата мора да се грижи за достоинствен живот на сите граѓани. Нема повеќе поделби помеѓу блиски и не блиски до власта. Цврсто сме определени да градиме едно, обединето општество коешто ќе обезбеди внатрешна стабилност на државата преку блиски односи меѓу граѓаните од сите етнички заедници, а не тензии и непријателство што сега се поттикнуваат помеѓу граѓаните од различна етничка, верска и политичка припадност. Ќе овозможиме секој граѓанин да дејствува слободно, со целосно почитување на личните слободи и права, а не под притисок, закани или уцени.
2. Република Македонија ќе се развива кон членство во Европската унија и во НАТО.
Ова е стратешки интерес на Република Македонија, поради што преземаме обврска за целосно имплементирање на Итните реформски приоритети што произлегоа од Извештајот на Прибе и се дел од Договорот од Пржино. Ќе обезбедиме суштински подобрувања во општеството со цел почеток на преговори со Европската унија во најкраток можен рок. Тоа ќе биде добро и за дражава, но ќе овозможи пред се квалитетен живот на граѓаните во Република Македонија.
3. Подобар животен стандард на граѓаните.
Се обврзуваме на повисоки приходи во секое семејство. Ќе ги насочиме парите кон граѓаните. Уште во првите 6 месеци ќе преземеме мерки за повисоки плати на граѓаните, за зголемување на минималната плата, за директна поддршка на домашните претпријатија, за намалување на трошоците на живот.
4. Праведен даночен и социјален систем.
Ќе има фер даночен систем со којшто оние кои имаат помалку ќе плаќаат помали давачки кон државата. Доста од нееднаквост меѓу граѓаните, лажни инвестиции, бизнис профити, провизии - да прекине богатењето на функционери на грбот на граѓаните.
5. Развој на домашните претпријатија.
Ќе го поддржиме развојот на домашните претпријатија, ќе го поттикнеме извозот на производи од домашни компании, ќе ги поттикнеме сопствениците на домашните претпријатија да ги прошируваат своите производствени капацитети. Со тоа ќе овозможиме отворање нови, реални работни места и повисоки плати.
6. Одговорна Влада и контрола над власта.
Ќе овозможиме институциите да работат независно и професионално. А што се однесува до намената на буџетските пари, граѓаните ќе имаат точни и навремени информации.
7. Ќе бидеме отворена и транспарентна Влада.
Ќе се консултираме со граѓанските и еснафските организации во носењето важни одлуки од интерес на граѓаните и ќе бидеме Влада којашто ќе го следи и почитува мислењето на пратениците во Собранието на Р.Македонија, од коешто е избрана.
8. Ќе обезбедиме рамномерен регионален развој.
Ова е голема потреба на граѓаните од сите делови на Република Македонија кои се уште се мачат без основните услови за живот, што е недозволиво. Ќе ги зголемиме двојно парите за рамномерен регионален развој на сите осум плански региони уште во првата година од мандатот и ќе го продолжиме тој тренд на зголемување на средствата за потребите на граѓаните. Распределбата на парите до општините ќе биде транспарентна, правична и објективна.
9. Се обрзуваме на Независен и ефикасен правосуден систем.
Владата ќе обезбеди еднаков пристап до правдата на сите граѓани, што подразбира независно, чесно и професионално судство и јавно обвинителство. Партиите ќе стојат настрана од судовите, а секој судија и јавен обвинител ќе биде подложен на преиспитување на неговата работа, согласно европските стандарди. Ќе се формира специјално одделение во Основниот суд 1 во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство.
10. Подготвени сме на Одлучна и неселективна борба против корупцијата преку сузбивање на организираниот криминал.
Новата Влада ќе направи се што е во нејзина надлежност да овозможи институционално и целосно заокружување на случаите што ги води Специјалното јавно обвинителство, наместо политички да се пресметува со независните институции. Новата Влада ќе преземе обврска дека овие процеси ќе завршат со враќање на парите кај граѓаните, наместо досегашниот постојан грабеж на граѓаните.
11. Контрола над следењето на комуникациите.
Ние сметаме дека следењето на комуникациите во кривични истраги и за безбедносни намени треба да бидат одделни функции. Исто така разузнавачките служби кои имаат надлежност во следењето на комуникациите треба да имаат јасен мандат даден со закон, каде што се дефинирани и ограничени нивните задачи за целта на националната безбедност и јавните интереси. Се обврзуваме да обезбедиме вистинска собраниска контрола над безбедносните служби. Никогаш повеќе на граѓаните на Македонија да не им се повтори скандал со масовно прислушување на граѓаните, од страна на Владата што ја избрале, како овој што ја предизвика најголемата политичката криза од независна Македонија.

12. Независни медиуми

Ќе обезбедиме медиумски реформи предвидени во Итните приоритети од ЕУ и ќе го земеме превид Предлогот за итни демократски реформи (т.н. Blueprint) создаден од граѓанските организации, за да осигураме професионални медиуми и точни и целосни информации за граѓаните без притисоци и корупција. Ќе се реформира МРТВ и ќе работи независно од политички или други влијанија.

• Граѓаните треба да знаат дека ефикасни и функционални институции се една од главните цели на новата Влада. На граѓаните на Република Македонија им треба служба, сервис и поддршка од државата за да живеат квалитетно. Сите вработени во државната администрација ќе работат слободно, без партиски притисоци, а сите граѓани ќе добиваат еднакво квалитетна услуга, без привилегии за едни, а деградирање на други. Новата Влада нема да ги дели своите граѓани на подобни и неподобни, зашто потребата од чист воздух, проодни патишта, затоплени училишта и студентски домови, функционални државни болници е еднаква за сите.

Новата Влада на граѓаните на Македонија посветено ќе работи на остварување на една од темелните вредности на уставниот поредок - соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
Итно ќе го решиме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места. Постои оправдано незадоволство и од нивна страна, но и од страна на јавноста дека примаат плата без работни обврски. Новата Влада веднаш ќе ги објави податоците за бројката на нераспоредени државни службеници и ќе усвои план за нивно итно распоредување на работни места и професионални ангажмани.

• Како што ветивме, новата Влада ќе се посвети на целосно расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и на откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај. Ќе побараме и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување на потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Надлежното министерство ќе даде целосна логистичка поддршка на обвинителските и судските органи во отварањето и водењето постапки за предметите “Сопот“, “Бродец“, смртта на Мартин Нешковски, на Никола Младенов и случајот “Монструм“.

• Предвидуваме Закон за унапредување на јазиците.

Ние сметаме дека треба на сите граѓани да овозможиме полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите. Нашиот став е дека тоа мора да биде исклучиво според Уставот и тоа е прифатливо и за партиите со кои обезбедивме 67 потписи за да го добиеме мандатот за формирање Влада. Тоа е дел од нашиот концепт едно општетство за сите, во којшто силно веруваме, и за кој дадоа поддршка и мнозинството граѓани на изборите. Уверени сме дека тоа е решението за добар живот за сите граѓани на Македонија. Новата Влада ќе води политика со којашто Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Затоа, ќе поддржиме јазична политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава.

Новата Влада ќе предложи законски решенија за употреба на јазиците, со коишто ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните т.е Албанскиот јазик, во рамки утврдени со Амандманот V на Уставот на Република Македонија. Законот ќе ја прошири употребата на јазикот во институциите и ќе овозможи на граѓаните Албанци да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик.

Законот целосно ќе ја гарантира соодветната употреба на Македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа - турски, ромски, српски, влашки и бошњачки. Некои општини во Македонија се и тројазични и четиријазични, така што таму каде што таа заедница е над 20 проценти од вкупниот број граѓани, Турци, Роми, Срби... и на нив ќе им биде овозможена употреба на нивниот јазик.

Со тоа овозможуваме сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права.

Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат друѓите граѓани. Но добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава.

Лага е дека сите граѓани, ученици, вработени... ќе мора да учат некој јазик, Албански, Турски или кој било друг, а оние кои нема да го знаат ќе плаќаат казни. Лага е. Казнени одредби во Законот за употреба на јазиците постојат и сега, како што постојат во сите други закони. Тие се однесуваат на институцииите коишто не го почитуваат и спроведуваат законот и коишто нема да обезбедат примена на Уставот и законите. Како во целиот демократски свет, ќе има казни за институциите што нема да ги почитуваат Уставот и законот. Тоа значи дека институциите имаат обврска да обезбедат употреба на службениот Македонски јазик и неговото кирилско писмо. Тоа значи дека институциите имаат обврска да обезбедат комуникација со граѓаните Албанци на нивниот мајчин јазик, таму каде што граѓанинот Албанец ќе има потреба од тоа. Тоа значи дека институциите и на локално ниво имаат обврска да обезбедат употреба на јазикот на Турците, Србите, Ромите... каде според законот имаат право на тоа.

Најавувам дека паралалено со унапредувањето на правата во врска со користењето на јазиците на сите етнички заедници во Македонија, ќе воведеме серија активности за унапредување на граматиката, речникот и промоцијата на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик ќе го штитиме и ќе го унапредуваме.
Ќе се заложиме за она, за што ВМРО-ДПМНЕ не мрдна со прст за 11 години владеење - на толку потрошени пари за медиумски кампањи. Не посветија ниту една кампања на Македонскиот јазик!

Почитувани граѓани,

Цврсто сме убедени дека за сите овие приоритети и заложби се согласни не само оние граѓани кои одлучно, масовно и мнозински гласаа за промени и за концептот на Едно општество за сите, туку сите граѓани на Република Македонија.

Само овој концепт, ја зајакнува унитарноста на Македонија. Се што сега прави нашиот политички противник, води кон поделби во државата и изолација на Република Македонија. Тоа одговара само на политичарите кои ја загубија власта, а знаат дека промените носат правна држава и кривична одговорност за направените криминали и злодела врз граѓаните.

Живот, слобода, правда и заедништво се вредностите што се општо прифатени од секого. Ова се принципите околу кои не смее да има и нема преговори и калкулации. Граѓаните не смеат да бидат изиграни и изневерени од ниту една политичка партија и јас во име на Социјалдемократскиот сојуз се обврзувам на тоа.

Ќе има целосна промена во начинот на водење политика во Македонија. Ќе ги обезбедиме промените што носат живот за сите во Македонија и овозможуваат политичка, социјална и економска стабилност за мирен и безбеден живот во нашата земја.

Македонија е созреана за нов начин на водење политика и држава.
Дојдено е времето политичарите да се плашат од граѓаните, да полагаат отчет и да понесат одговорност ако се неуспешни. Партиите мора да се менуваат, да се демократизираат, да се отвораат за граѓаните. Во партиите мора да се слуша гласот на работниците, на земјоделците, на младите, на жените, на пензионерите...

Тоа го правиме. Време е за силно граѓанско општество и демократија, каде што граѓаните го имаат главниот збор, а не политичарите.

Затоа, како нова Влада, наместо конфронтација со граѓанскиот сектор и со медиумите, ние ќе овозможиме тие да вршат набљудување и контрола на власта. Наместо конфронтација со меѓународната заедница, ќе градиме интензивни партнерства со демократскиот свет. Наместо узурпација на државните институции, ќе создадеме услови тие да работат слободно и според закон. Наместо досегашниот притисок, граѓаните ќе ги уживаат сите слободи и права.
Овој концепт го препорачувам на сите политички партии.

Почитувани граѓани,

Сите ние, заедно, имаме капацитет да ја направиме посакуваната промена.

Потребно е учество на секого во овие важни демократски процеси за нас како граѓани и за нашата држава.

Ве повикувам вас граѓаните да се вклучите во реформите, затоа што вие граѓаните сте гласот на демократијата.

Бидете активни и гласни. Граѓаните имаат право да се интересираат за политика и да се занимаваат со политика. Граѓаните имаат право да учествуваат во креирањето на политиките на централно и локално ниво и да бидат консултирани при носењето на одлуките. За да се учествува политички во едно демократско општество, не мора да се членува во политичка партија.

Ќе имате слободна можност да прашувате и да преиспитувате, трагајќи по вистината. Вистината не е во ветувањата, вистината е во фактите, во логиката, во аргументите.

Низ овие процеси на демократизација на нашето општество, заедно ќе учиме да препознаеме лажни од вистинити вести, заедно ќе учиме да препознаеме кога другиот, различниот од нас е во право и заедно ќе бидеме доблесни да го потврдиме тоа.

Ќе го правиме тоа низ дебата, постојана и интензивна, насекаде, не само во нашите кругови низ социјалните мрежи, туку и во медиумите, во Собранието, низ институциите.

Политиката за нас е натпревар на идеи, а идеите треба да се одбранат и одобрат пред да бидат реализирани. Бидејќи сите граѓани, и оние кои размислуваат поинаку, знаеме дека еднакво силно се грижат за добар живот на своите семејства, и нивните деца еднакво силно сакаат да останат да живеат овде, во Македонија. Тоа е нашата заедничка цел. Се што правиме е за младите, кои се нашата иднина, да останат да живеат во Македонија!

Само активни граѓани можат да придонесат за ефикасна, отчетна и граѓанска влада, каква што ветуваме дека ќе биде новата Влада и ве поттикнувам да бидете дел од сите овие процеси што се пред нас. За да изградиме зрело општество во кое што секој ќе го гледа своето место, бидејки секој свое место и има.

Завршува времето на реваншизам. Ние знаме дека за режимот се виновни Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Не се виновни граѓаните кои го дале гласот за таа опција. Многу од нив беа притиснати, уценети, излажани. Подаваме рака кон секого! Слободниот живот мора да го почувствуваат сите граѓани.

Македонија ќе биде држава за сите граѓани. Сите многу брзо ќе почувствуваат што значи да се живее во слободна и демократска Македонија. Нема веќе да има подобни и неподобни, нема веќе над-Македонци, над-Албанци, над-луѓе.

Сите сме еднакви и сите ќе уживаме еднакви права во оваа наша заедничка држава, Република Македонија.

Отворени сме за соработка, заедно да ги поставиме приоритетите и да ги најдеме најдобрите заеднички решенија за сите прашања од интерес и потреба на граѓаните.

Само заедно можеме да ја однесеме Македонија напред.

Доста е омраза, конфликти, поделби, изолации.

Македонија не смее повеќе да ризикува со криминалци на власт кои ги коцкаат спокојот на граѓаните и стабилноста и безбедноста на државата за свои лични интереси, како што тоа го прави раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Со овие луѓе е завршено во политиката, зашто ги изневерија очекувањата на граѓаните и зашто се обидоа да стават рака врз севкупната слобода во Македонија и врз сечиј живот.

Затоа, во Македонија не е возможна реформска Влада со Никола Груевски и со раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Оттука,

Ги повикувам партиите со коишто го формиравме парламентарното мнозинство да ја поддржат Програмата на новата реформска Влада и да бидат дел од таа Влада.

Ја повикувам идната опозиција да ја искоментира Програмата на новата Влада на граѓаните на Македонија и да ја поддржи. Ќе ја почитуваме опозицијата. Никогаш нема да работиме на нејзино уништување, како што тоа го правеше оваа власт, затоа што таа има важна улога во демократските процеси.

Ги повикувам граѓаните да се вратат од улиците во своите домови и да бидат спокојни. Го почитуваме и ќе го почитуваме правото на протест загарантирано со Устав и закон. И вашиот глас е слушнат. Ви ја соопштив прецизно Програмата на новата Влада којашто се темели исклучиво на Уставот, којашто е посветена исклучиво на потребите на граѓаните и којашто ги обезбедува унитарноста на Македонија и перспективите на нашата држава. Таа програма е готова, денеска ќе биде јавно објавена и достапна за сите.

Го повикувам Ѓорге Иванов, и покрај тоа што нема уставна ингерернција, да констатира дека постои Програма на новата Влада којашто е интерес на сите граѓани на Македонија, го гарантира и штити унитарниот карактер на државата и ја носи земјата кон развој!
Итно се потребни добар живот, развој и еднаквост, одлучна борба со криминалот и корупцијата и ефикасни институции. Потребно е Македонија да излезе од политичката криза, да престане да биде заробена држава и секој граѓанин да биде слободен и да има шанса за добра иднина.

Потребен е живот за сите во Македонија.

Почитувани граѓани,
Знам и разбирам како се живее, зашто јас доаѓам од реалниот сектор. Секој ден сум со граѓани кои ќе направат се што е во нивна можност за своето семејство, за своите деца, родители. Секој ден сум со приватници кои ќе направат се за да ја подобрат својата фирма и да овозможат повеќе вработувања. Но, јас сум секој ден и со работници кои бараат правда и подобри услови на работното место.

Знам и убеден сум дека има многу енергија во граѓаните на Македонија. Има креативност, посветеност и патриотизам. Има Македонија на кого да се потпре, тоа се нејзините граѓани.
Демократијата не значи национализам, не значи инает. Демократијата е тешка, бара компромиси од секого. Доволно ни беа хистерии, лаги, конструкции. Потребно е сите да се вложиме во демократските процеси што заедно ги почнавме.

Ве уверувам, Македонија ќе биде место каде добро се живее.
Време е за заедништво, ве повикувам сите кои им мислите добро на своите деца, мислите добро на себе и на својата земја - приклучете се во развој на демократска современа Република Македонија!

 

 

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени