mchi

Колумни

Никогаш

dbi

20.03.2017

Колумна на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ за „Слободен печат“, 20.03.2017


Како што и најавив во мојата последна колумна, ми требаше малку време без пишување, што би се рекло да сменам батерии. Искрено се надевав дека првата колумна после паузата ќе биде на други теми. Дека ќе зборувам за првите проекти на новата влада. Дека ќе ги анализираме резултатите од укинувањето на екстерното тестирање, укинувањето на трошоците за болничко лекување, намалувањето на казните, зголемувањето на минималната плата, почетокот на првите инфраструктурни проекти, итн. Дека ќе дебатираме за најдобриот и набрзиот начин да го вратиме владеењето на правото во сите делови од животот, после дивеењето на Никола Груевски, Мијалков и нивната банда. Се она што им го ветивме на граѓаните пред изборите.

Заложници на Груевски

За жал, денес во Македонија се зборува за други нешта. Не се зборува како да ги зголемиме платите на граѓаните. Не се зборува за одговорност на оние кои ги прекршиле законите. Не се зборува за нови работни места. Се застана. Се зборува за работи кои немаа и немаат никаква врска со разрешување на кризата во која западнавме во 2015 година после обелоденувањето на криминалите на власта преку „бомбите“, односно Вистината за Македонија. Се зборува за етнички прашања, за федерализации, за амблеми на униформи, се измислуваат казни, двојазични пари... Се зборугва за работи кои ги има единствено во главата на Никола Груевски и на ниедно друго место. Непостоечки се. Се чувствувам како да сме се вратиле назад едно дваесет години. И се тоа ни се случува само и единствено заради еден човек, Никола Груевски.

Заради Никола Груевски, Македонија стана последната дупка во Европа. Поради неговото владеење во последниот извештај на ЕУ, Македонија е наречена заробена држава. Поради него сега сите граѓани на Македонија заедно се заложници на неговиот страв да се соочи со законот. Самиот тој страв да се излезе пред судот и да се соочи со правдата, доволно говори колку Никола Груевски е невин. Да беше навистина невин, никогаш немаше да му претставува проблем продолжувањето на мандатот на СЈО и ноншалатно ќе се прошеташе низ судските процеси. Меѓутоа, тој самиот најдобро знае дека не е така. Тој самиот нај добро знае што се направил. Големината и тежината на неговите злодела денес се нај големиот проблем на Македонија. Тие него го притискаат, секој ден, секоја ноќ. Веројатно животот му е кошмар. И затоа е подготвен на се, само за да се спаси.

Омразата – најголемо злодело

Подготвен е на војна, на судири, на блокади на институциите. Земјоделците не можат да ги земат своите субвенции поради него. Ќе почнат и друг тип блокади за граѓаните. Но, она што е најстрашното, нај големото злодело на Никола Груевски е омразата која што ја сее поме­ѓу граѓаните. Тоа го прави на две нивоа. Едното е она за него стандардното, ширењето меѓу­етничка омраза. Ја употребува таа карта секогаш во изборни цели, а сега и во моменти на очај кога сака да се спаси. Второто ниво не е ново, но прими големи размери. Тоа е омразата која ја посеа внатре во македонската етничка заедница. Никола Груевски внесе најголем раздор помеѓу Македонците. Ги подели како никој друг до сега. Во слепилото на желбата да се спаси од одговорноста за злоделата, тој сите оние кои не гласале за него ги нарекува предав­ници. Тоа се околу 700.000 граѓани, од кои околу 500.000 се етнички Македонци. И уште претендира повторно да ја водел државата. Водач на држава се очекува да ги обединува граѓаните, а не да ги дели. Опасна е играта на Никола Груевски. Ама сигурен сум во една работа. Од 2015 година па наваму, се што рече порекна. Се што планираше, не му успеа. Се што ветуваше, излажа. Така и оваа работа нема да му помине.

Сега наводно бара нови парламентарни избори. Ама, во исто време се погрижи да нема речиси никаква шанса локалните избори да се одржат оваа пролет. ДПМНЕ ниту нешто многу се бунеше за пропуштањето на рокот за распишување на изборите, ниту пак сега бараат тие да бидат распишани. Партија која наводно толку многу сака избори, не се однесува така. Стравот од нови соочување со граѓаните е голем. Казната од граѓаните може да биде уште поголема.

Непотребни потерници

Деновиве ДПМНЕ ги доби резултатите од нивните анкети кои покажуваат дека нивата гнасна и валкана кампања против сите, буквално против целиот свет, допира само до нивните поддржувачи. И затоа го менуваат сценариото. Реално не се борат за избори. Релано се борат да бидат дел од власта. Сакаат во Влада, па дури и ако е тоа во широка коалиција. Мислат дека тоа ќе ги спаси. Се лажат.

За да се дојде во ситуација за Влада на широка коалиција, претходно треба да има преговори. Но, се поставува прашањето, зошто би имало преговори. Која би била крајната цел да тие преговори? Слобода за Никола Груевски? Нова аболиција? Што е тоа што ДПМНЕ би го ставиле на маса за преговарање? Одговор нема. Затоа што невозможно е да се преговара за основни демократски принципи, според кои мнозинството во Собранието ја формира Владата. Невозможно е да се преговара дали да има или да нема одговорност за извршените криминални дела од Никола Груевски и неговата банда. Така што нема ништо од желбата на Никола Груевски повторно да биде дел од Владата.

И на крајот една лична порака до него. Деновиве мене и неколку мои колеги од опозицијата не лепи на потерници дека сме биле предавници. Сакам да му порачам дека нема потреба од потерница. Никаде не се кријам, за разлика од неговите другари и со­партијци. А и предавник не сум, зашто никогаш нема да се предадам се додека не го видам да одговара за сите злодела кои му ги направи, и се уште ги прави, на својот народ. Никогаш.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени