mchi

Најнови вести

Заев: Сериозна осуда за пукањето врз Тодоров, тоа што се случи е недозволиво!

dbi

01.06.2017

Одговори на новинарски прашања:


Медиуми: Побаравте од Зврлевски да си даде оставка. Има ли нешто ново?



Заев: Јас немам информација, се обидов на најкуртоазен начин. Редот е дека Владата дава предлог до Собрание за разрешување и Владата дава предлог за именување. Мислам дека ваквите процеси треба да ги убрзуваме. Денеска е почетокот на реформите во Македонија и навистина, една од најсериозните реформи ќе биде реформата во судството. Наши аспирации се експертски луѓе, кои ќе треба уште од самиот почеток, не заради нас, нашите очи и видувања и, туку заради очите и начинот на видување на граѓаните, ќе вгнездуваат професионалност, непристрастност, политички неповрзаност и слично, кое е исто така составен дел на реформскиот процес, а не е преточен преку правни и законски нормативи. Односот на луѓето и поставеноста ќе ја зацврстат независноста на многу институции.

Медиуми: Дали ќе ја отстраните оградата околу Владата како што најавивте?

Заев: Јас уште денеска ќе дадам насока да се отворат портите. Владата мора веднаш да биде отворена. Верувам дека постојат процедури, законски нормативи, ја негувам отвореноста на Владата, Владата мора да биде достапна за вас новинарите, за граѓаните. Тоа е Влада на сите, јас имам чест да ја водам, но и одговорност секако, но Владата мора да биде отворена, секако согласно со она како се преземаат ваквите дејствија, така ќе се отвора и целата Влада и владиниот кабинет и сето она што значи институции на државата.

Медиуми: Како ќе постапувате со директорот за јавна безбедност, доколку се знае дека додека тој е на одмор, Владата не може да го менува и да избере нов директор?

Заев: Мислам дека постојат законски решенија за оваа работа. Знам дека разрешување и именување на директор се врши од страна на Владата по предлог на министер. Така што ќе ги почитуваме процедурите, како е законски, така ќе постапуваме, но нашата намера е да се преземе власта, бидејќи мора да се гарантира и безбедноста, но и иднината на сите граѓани.

Медиуми: Пред малку во Министерството за здравство имаше обид за атентат врз екс-министерот Тодоров. Како го коментирате овој настан?

Заев: Јас го осудувам ваквиот начин. Не ги знам деталите, Оливер Спасовски ме информираше дека се работи за некое физичко лице кое што директно посегнало по пиштол. Не знаеме детали околку самиот настан, но целосно го осудувам начинот, како да кажам со други зборови, недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе треба да се помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и навистина, освен сериозна осуда и не дај боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале.

Медиуми: Утрово бевте кај Ѓорге Иванов. Што се случуваше таму? Имавте ли препораки и насоки од него?

Заев: Јас во присуство со целиот владин кабинет, заедно со господинот Иванов, констатиравме потреба од соработка. Јас знам дека ќе ми треба соработка со претседателот на државата. Истовремено, тој и неговиот кабинет знае дека ќе треба соработка со Владата, заради тоа што постоиме и ги извршуваме функциите во интерес на граѓаните и државата. Искрено се надевам на соработка, ќе направиме се оваа соработка да биде на највисоко можно ниво, заради тоа што од таквата соработка интерес имаат граѓаните. Ако ја нема соработката, на крајот тоа ќе го чувствуваат и граѓаните. Јас сум за соработка со сите. Како што гледате, ја повикав и опозицијата на соработка. Верувам дека на Македонија ѝ треба оптимизам, ѝ требаат позитивни пораки, за да тргне процесот кој ќе донесе живот за сите.

Медиуми: Дали ќе го проверите кабинетот дали има уред за следење, бидејќи имаше таков?

Заев: Веројатно службите ќе си постапат, за да ја осигураат професионалноста на функционирањето на претседателот на Владата, како и на сите други простории во кои функционираме и работиме. Имам намера да бидам комплетно транспарентен, немам што да кријам, но секако ова покрај професионална е и приватна просторија, каде што верувам дека не би требало да постојат такви работи иако минатото покажа дека се е можно. Службите ќе си постапат, верувам дека ќе ги проверат самите простории во кои функционираме и работиме, за да бидеме безбедни соодветно и онака како што е пропишано со закон.

Медиуми: Најавивте многу новитети во работата на Владата. Која ќе биде првата работа што ќе ја сработите на првиот работен ден?

Заев: Денеска е за мене прв работен ден, а нашиот Парламент којшто е над Владата носи една убава одлука се укинува екстерното тестирање преку измена на три законски решенија. Тоа се однесува најмногу на дечињата коишто се нашата иднина и надеж и нешто за коешто сите живееме, буквално. Но заедно со нив траумите беа присутни и кај нивните родители и кај наставниците, и верувам дека еден ваков нов почеток е убав кога се работи за нешто добро и кога се работи за дечињата. Не се откажуваме од корективите и проверките на образованието и на образовниот процес секако најавивме дека тоа ќе го направиме преку мотивации, преку наградувања, а не со закани и казнувања. Но верувам дека ова е одличен сигнал со барањата јавно на оставка на г-динот Марко Зврлевски, за мене почнаа реформите во правосудството и навистина сите реформи ќе бидат нашиот приоритет. Паралелно со реформите ќе работиме со комплетен приоритет на унапредување на економскиот квалитет на животот на граѓаните. Јас верувам дека во Македонија може економски многу поубаво, многу посреќно и побериќетно и перспективно да се живее. Ќе работиме со полна пареа во тој правец за да на крајот како што рековме овозможиме живот во Македонија за сите.

Медиуми: Претседателе дали планирате да се вселите во Резиденцијата на Водно?

Заев: Јас за време на викендот ќе ја отворам дебатата во моето семејство со моите деца. Ќерка ми е тинејџер, синот е 13 години, тие ја сакаат Струмица. Тоа е едно наше убаво место во нашата Македонија, ќе сакам да ги почитувам и нив. Јас верувам дека 150 километри нема да бидат пречка да покажеме пред цела Македонија дека не само што може некој од внатрешноста да стане премиер, туку може и да функционира живеејќи во внатрешноста како премиер. Ми ветија, веројатно ќе доаѓаат за време на викенд кога не се на училиште, овде. Нема да спијам повеќе во партијата. Јас синоќа спиев во партијата, веројатно ќе го користам тоа што е предвидено по закон што следува на премиерот, а тоа е Вилата на премиерот или куќата, незнам за што точно се работи, заради тоа што според мене ова е овозможено меѓу другото, за да паднат одлуки таму за време на вечерата да добиеме некој придобивки од пријателите како Европска Унија и НАТО и верувам дека сето она што системот го има смислено треба да биде со редот на работите и така поставено. Но имам намера да бидам и татко, и родител, и пријател и другар, ние 24/7 нема да работиме ќе бидеме и родители, ќе бидеме и пријатели, ќе бидеме обични луѓе заради тоа што верувам дека како таков им требам и на граѓаните на Македонија.

Mедиуми: Дали ја проверивте државната каса, дали тоа ќе го направите наскоро, и дали ќе ја објавите јавно и транспарентно каква е моменталната состојба со неа?

Заев: Министерот за финансии, Драган Тевдовски веќе ги почна активностите околу оваа работа. Јас само споделив тоа што Емил Димитриев го пренесе дека состојбата е стабилна во буџетот, дека не е нешто блескава ама не е ни драматична, што сериозно ме успокојува малку заради тоа што знаете дека на крајот од денот од парите зависи се, парите се за граѓаните. Јас верувам дека ако некое домаќинство треба да штеди за да овозможи за децата и за иднината, државата е успешна ако пласира повеќе пари, ако пушти повеќе пари во оптег и тоа е нејзината успешност. Ама за да пуштите треба да имате пари. Треба да ги собереме парите на даночните обврзници онака како што тоа законот го пропишува. Ние најавивме дека ќе ги растеретиме од овие притисоци, закани и уцени, но менаџментот со државната каса навистина носи среќа, носи здравје, носи образование, носи полиција, одбрана, безбедност за граѓаните. Верувам дека менаџментот со финансиите досега за мене во животот не бил проблем при водење на општината и при други функции што сум ги обавувал. Верувам дека успешно ќе менаџираме со финансиските средства на државата.

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени