Соопштение за јавност
„Победата во Бутел ни е на дофат. Граѓаните после 26 години ќе бидат победници во општина Бутел! На 15 октомври Бутел конечно ќе се израдува на промените! И Скопје ќе се радува, доаѓа живот за сите!” порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашниот митинг на СДСМ и коалицијата во Бутел.
Претседателот Заев рече дека Велимир Смилевски е човекот кој на бутелчани ќе им овозможи подобри услови за живот, градење по план, отворена и услужна општина за сите.
,,Носиме нов начин на добро управување со градот Скопје и општините. Градиме отворена и транспарентна општина. Во Бутел ќе се работи и гради исклучиво заедно со граѓаните. Ќе се гради квалитетно, без импровизации и без провизии” посочи Заев.
Тој рече дека Велимир и неговиот тим ќе бидат достапни за сите граѓани и тие навремено ќе бидат примени, сослушани и услужени и додаде дека помеѓу приоритетите ќе биде и гасификацијата.
,,Ние како Влада ќе соработуваме со општината и со градот Скопје на гасификација на Бутел. Во првата фаза приоритет ќе имаат индустриските зони, градинките и училиштата. Парите што училиштата ќе ги заштедат од сметките за греење, ќе можат да ги инвестираат во реконструкција на училишните згради и нови материјали за учениците.” рече претседателот Заев.
Во втората фаза, како што соопшти претседателот Заев мрежата ќе ги зафати и домаќинствата кои исто така ќе почувствуваат заштеди во семејните буџети.
Пред граѓаните на Бутел се обрати и кандидатот за градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов кој ја претстави својата програма којашто ќе овозможи Скопје да биде град кој работи за граѓаните и град кој ги поврзува граѓаните.
„Овде во Бутел заедно со мојот драг пријател, другар и соборец Вељо ќе работиме во ваш интерес. Улицата ,,Босна и Херцеговина ќе ја надградиме во булевар, и ќе стане нова градска вена. Оваа градска магистрала ќе ги поврзе булеварот ,,Словенечка” и новопланираниот булевар ,,Хрватска”. Безбедни и поврзани граѓани е нашата цел“ рече Шилегов.
Кандидатот за градоначалник на општина Бутел, Велимир Смилевски како клучен проект ја истакна гасификацијата на општината, со цел граѓаните да имаат пониски сметки за струја, топол дом и почист воздух.
,,Ќе изградиме нова атмосферска канализација од Радишани до Бутел 2. Фекалната канализација ќе ја замениме со нова бидејќи е дотрајана. И ве убедувам во наредниот период нема да бидат причина за поплавување на вашите домови” порача кандидатот за градоначалник на општина Бутел, Велимир Смилевски од вечерашниот митинг на СДСМ и коалицијата којшто се одржа во Бутел.