Интервју на министерот за внатрешни работи на Република Македонија и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски за порталот РеволуционерМк
РеволуционерМк: Господине Спасовски, што се смени во функционирањето на МВР после Вашето доаѓање на челното место?
Спасовски: Заедно со професионалците во МВР го деинсталирам „МВРО“ на Груевски, Мијалков и Јанкулоска што им нанесе сериозни штети и повреди на граѓаните на Македонија. Создавам услови за професионална работа на Министерството за внатрешни работи и полицијата во интерес на граѓаните, а не во интерес на власта. Првите резултати ги постигнавме, професионалците соработуваат, злупотребите излегуваат на виделина. Таков е случајот со печатење и издавање лични карти на луѓе кои немале законско право за тоа. Многу сум задоволен што во Министертството има совесни луѓе кои ја прифатија подадената рака. Заедно ја тргаме полицијата од рацете на нечесната власт и ја враќаме на народот. Тоа е незапирлив процес.
РеволуционерМк: Со оглед на тоа што Министерството кое го раководите е една од најпартизираните институции во државата, јавноста очекуваше дека промените на раководните структури во Секторите за внатрешни работи ќе одат многу побрзо. Зошто доцнат промените?
Спасовски: Дадов шанса на луѓето кои работеле под закани, уцени, притисоци да ја покажат својата професионалност, за којашто немале шанса во „МВРО“ на Груевски и Јанкулоска. И не згрeшив. Многумина едвај чекале да се постават работите во МВР на професионална основа. Да потсетам, благодарение на дел од тие луѓе имаме конкретни докази дека службите во „МВРО“ по налог издавале и печателе лични карти на луѓе кои немаат законско право на тоа. Со незаконските лични карти овие луѓе биле внесени во Избирачкиот список и имале право да гласаат. Промени засега има на раководните места во секторите за внатрешни работи во Скопје, Охрид, Куманово, Велес и Битола. Двајца од нив беа в.д. и поставивме лица со полн мандат, со оглед на сериозноста на позицијата на којашто се наоѓаат, а тројца се сменети поради вршење политички притисоци или слаби резултати во работењето. На пример, за сменетиот командир во СВР Велес имаме признанија, изјави од вработени, дека ја злоупотребувал службената позиција и правел притисоци врз вработени да се зачленат во ВМРО-ДПМНЕ, што е недозволиво. Командирот на СВР Скопје е сменет бидејки не преземал ништо за нападите врз новинари, за негова инволвираност во упадот во универзитетскиот кампус каде што беа исечени дрвја за барокни згради на факултети. Десетина професионалци се унапредени на повисоки места во УБК. Станува збор за лица кои, независно на нивниот долг професионален стаж, стручност и позитивни резултати во МВР, во 2006 година по преземањето на власта од страна на Груевски биле деградирани од 6 до 10 скалила подолу. Образложенијата на „МВРО“ за смените на овие луѓе биле оспорени со правосилни судски пресуди, но тие 10 години досега работеле под постојани психолошки закани и малтретирање, само затоа што не се вклопувале во политичко-коруптивниот систем на власта на Груевски. Со нивното враќање каде што им е местото, според нивната професионалност, исправена е големата неправда што им ја има направено „МВРО“. Така што, не би се согласил дека промените доцнат. Внимателен сум бидејќи немам намера да работам како Јанкулоска и Мијалков. Секој кој во МВР ја сфаќа одговорноста на неговата работа, си ја сака државата и сака да работи во интерес на граѓаните ја има шансата за тоа. Ако некој мисли дека може се уште да функционира во „МВРО“ се лаже. „МВРО“ на Мијалков и Јанкулоска заврши.
РеволуционерМк: Вашиот став како прв човек на Министерството е дека истрагата за аферата со фалсификуваните лични карти треба да се води темелно и квалитетно, за разлика од премиерот Груевски кој се залага за нејзино брзо решавање. Постои ли некоја причина поради која на Груевски му се брза?
Спасовски: Да, истрагата ја водам темелно и сите злоупотреби со незаконски печатени и издавани лични карти и фалсификати ќе излезат на површина. Веќе излегуваат. Ја известив јавноста дека за околу 450 лица, проверени по случаен избор, веќе имаме докази дека добиле лични карти без да имаат решение за живеалиште, што е клучно при издавање на ваков документ. Имам признанија од вработени во МВР дека на незаконски начин издавале лични карти по налог на нивни претпоставени. Имаме докази дека овие лица, чии имиња се наоѓаат во Избирачкиот список а кои се од Пустец, регистрирани се по 20 – 30 на една иста адреса. Кога, исто така, по случаен избор проверив на чие име се водат становите во коишто се регистрирани, се покажа дека овие луѓе биле сместени во станови во државна сопственост. Тоа значи дека се шири скандалот со незаконско издавање лични карти на лица кои се внесувани во Избирачкиот список со право да гласаат. Постојат сериозни индиции дека во скандалот се инволвирани високи функционери во „МВРО“, но и од други државни институции. Тоа е таа партизираност на државниот систем за којашто со право се сомневавме, за која што слушнаа граѓаните во проектот „Вистината за Македонија“, и еве сега, каде и да чепнеме со истрагата, се потврдува. Имаме докази дека по 20-тина лица се регистрирани на адреси на функционери од власта на Груевски, раководители на центри, директори на гимназии, во Ресен и во Кичево. Сите овие податоци одат кај Обвинителството. Од МВР ќе следат соодветни постапки кон лицата во Министерството за внатрешни работи и во другите институции кои ја злоупотребиле својата службена положба против интересите на граѓаните на Македонија. Од сето ова граѓаните сами можат да заклучат зошто на власта на Груевски и се брзаше да ја затвори аферата со незаконски и фалсификат лични карти, зошто прават конструкции со помош на медиумската пропаганда. Влеговме во трага на веројатен изборен криминал и тоа во повеќе изборни циклуси. Налогодавачите, извршителите, но и соработниците, поранешни, сегашни, ќе мора да се соочат со одговорноста.
РеволуционерМк: Аферата со тајната фабрика за изработка на личните карти ВМРО-ДПМНЕ ја искористи да премине во офанзива и да Ве обвини Вас и претседателот на Вашата партија за директна инволвираност во скандалот. Знаат ли Груевски и екипата околу него нешто што ги мотивира да бидат толку агресивни по ова прашање? Можно ли е да „истекуваат“ доверливи информации од МВР кон ВМРО-ДПМНЕ?
Спасовски: Власта на Груевски знае што правела. Тоа е причината за нивнииот немир, лагите и манипулациите во медиумите под нивна контрола. Јас ве уверувам дека сите професионалци во МВР работат на расчистување на овој невиден скандал, зад кој што сите патишта водат кон високи функционери, поранешни и актуелни, од власта на Никола Груевски.
РеволуционерМк: Со оглед на тоа што Избирачкиот список е во целосна надлежност на ДИК, како МВР може да придонесе претстојните избори да бидат фер и демократски и на реален начин да ја прикажат волјата на гласачите?
Спасовски: Сето ова што го откриваме со печатењето и издавањето лични карти на лица кои не живеат во Македонија, а имаат право да гласаат, со лица кои немаат право на лична карта, а поседуваат и се наоѓаат во Избирачкиот список, придонесува кон откривање на направените злоупотреби. Ги превземаме и сите други активности според законските обврски и овластувања. МВР прави и ќе направи се што е возможно во овој период пред нас, да спречи повторување на злоупотребите. Казните за учество во закани, притисоци врз граѓаните од страна на раководни лица во институциите се големи, има и затворски казни. Ние веќе имаме одредени сознанија каде има обиди за повторување на веќе видените сценарија. Јас се надевам дека секој добро ќе размисли пред да влезе во предизборен и изборен криминал. СДСМ влезе во преодната Влада за да спречи нов изборен криминал. Никој не треба да има ни минимум надеж дека ќе дозволиме уште едни криминални избори.
РеволуционерМк: Опозициските „бомби“ ги зголемија очекувањата на граѓаните до степен на поднесување кривични пријави против лицата чии гласови најчесто ги слушавме во прислушуваните разговори, па дури и притворање на дел од нив. Во тој контекст, како МВР ја води борбата против криминалот и колку Министерството може да му биде од помош на Специјалното јавно обвинителство?
Спасовски: МВР постапува според своите уставни и законски обврски и овластувања. Точно е, имаме многу индиции кои водат кон потврда на противзаконски и криминални активности за коишто јавноста знае, а има случаи и за коишто јавноста не слушнала, а се случувале. Преку законска процедура, секој кој се огрешил пред законот ќе мора да ја понесе својата одговорност. Немам намера да работам сензационалистички, како што тоа се правеше претходно. Самите споменавте и слушнавме сите како се режирале цели апсења за јавен политички реваншизам, до ставања пиштоли во уста. Ваков начин на работа не е во интерес на граѓаните на Македонија и тоа не доликува на сериозна институција како што е МВР. Ќе покажам што значи работа на МВР во служба на граѓаните и државата. Почнавме демонтажа на партизираниот систем на власта на Груевски и тоа по смената на власта целосно ќе се случи. Ја враќаме државата во рацете на граѓаните.
РеволуционерМк: Како очекувате да влијае заминувањето на Груевски од премиерската функција: да ги релаксира состојбите на политичката сцена, или да биде злоупотребено за нивно дополнително поларизирање?
Спасовски: Поучени од владеењето на оваа расипничка власт на Груевски, ништо не исклучувам и на`се сме подготвени. Ме радува што низ средбите со граѓаните гледам дека луѓето препознаваат еден непријател, богаташката власт на фамилијата којашто ги турна граѓаните на ниво на над 500.000 кои живеат под работ на сиромаштија. Голем дел од граѓаните, од егзистенцијални причини или поради неиздржливи притисоци, мобинг, си заминаа. Бројката е стравотна, 626.312 илјади луѓе кои заминале од Македонија. Така што, Груевски може да се обидува, но неговото време заврши. Почна времето на граѓаните кои си ја враќаат слободата.
РеволуционерМк: Сведоци сме како новинари и лица од јавниот живот кои важат за силни поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, на своите неистомисленици од новинарската фела и граѓанскиот сектор јавно им упатуваат закани за физичка ликвидација. Зошто изостанува реакцијата на МВР?
Спасовски: МВР постапува по сите индиции за закани, уцени, притисоци, криминали. Работиме строго професионално, ги комплетираме доказите, ќе следуваат соодветни постапки.
РеволуционерМк: Истите апологети на власта сѐ поотворено заговараат одржување „спонтани“ протести и против специјалната обвинителка Катица Јанева. Има ли МВР капацитет да се справи со евентуалното влошување на безбедносната состојба во државата, односно да превенира конфликти иницирани од политички побуди?
Спасовски: За МВР врвен приоритет е безбедноста на граѓаните на Македонија и заштита на нивната слободна волја и секако дека дејствуваме во оваа насока. Се надевам на разумност од сите страни во интерес на граѓаните и државата. Никој не успеал да се испречи пред волјата на народот. МВР е целосно подготвено да застане во одбрана на волјата и интересите на граѓаните на Република Македонија.
РеволуционерМк: Ќе има или избори во април, или на нив сепак ќе треба да почекаме уште некое време?
Спасовски: Ќе има фер и демократски избори. Уште едни криминални избори нема да има.