Одговори на новинарски прашања, Мила Царовска, потпретседателка на СДСМ, 01.09.2019
П1: Во градинката во Чаир има групи кадешто одат по 30 деца во една паралелка, дали е планирано да се зголеми бројот на паралелки и бројот на негувателки?
– Она коешто го наследивме е недостаток на инфраструктурен капацитет за предучилишно образование и детска заштита. Токму затоа како министерство инвестираме многу. Вие знаете дека во изминатиот период се отворија низа на градинки, посебно во помалите места, но исто така да напоменам дека во Општина Чаир се прават последните завршни фази на проектното решение за изградба на нова градинка. Со тоа ќе се намали притисокот за примање на деца во постоечкиот капацитет, затоа што вие може да вработите уште воспитувачки но сепак просторните капацитети се многу важни за да се растеретат групите, и јас сум сигурна дека во многу скоро време ќе поче инвестицијата во општина Чаир.
П2: Каде точно се планира да се гради?
– Тоа е во градското подрачје, така да локациски јас не можам да прецизирам каде во населбата, но тоа си е уредено во урбанистичкиот план, проектното решение е во министерството, архитектите се во конечна фаза на чистење на сите позиции и со тоа ќе се влезе во инвестиција.
П3: Има датум кога тоа би се отпочнало?
– Јас сум сигурна или крајот на годината или почетокот на наредната ќе почне изградбата на градинката затоа што речиси сме готови со завршните фази на сите аспекти.
П4: Во однос на вашиот ресор податоците покажуваат дека е релативно слаба реализацијата на инвестиции, на што се должи, и што планирате да превземете?
– Морам да напоменам дека ние како министерство минатата година имавме реализација на капиталните инвестиции од 91%, но самата динамика согласно планот за јавни набавки којшто е јавно достапен на сите, најголемата реализација во второто полугодие. Тоа е поради тоа што планот за јавни набавки се носи во февруари месец, тендерирањето или градежната сезона почнува после март месец и целото тоа си е во динамика, така што до крајот на декември се што е планирано во планот за јавни набавки, ќе се реализира. Тоа се гледа во кое било и планирање и реализација кое што го следиме на дневно ниво.
П5: Од позиција потпретседател на СДСМ ќе ве прашам, како напредуваат преговорите за Законот за Јавно Обвинителство, има ли се уште оптимизам со оглед од брифингот од премиерот дека нема да се оди со план Б, дека ќе се оди со разговори, во каков статус се моментално овие разговори?
– Сметам дека она што е создадено како капацитет во СЈО сигурно дека мора да опстои во нашата држава, поради тоа што без правна држава, без системи коишто се соодветни за заштита на граѓаните и заштита од криминал, не можеме да одиме напред. Сигурна сум дека преговарачката група и премиерот ќе изнајдат решение коешто е најдобро за сите со цел да може да опстојат капацитетите што се создадени.