Прес-конференција, Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ
СДСМ бара одговорност од Јаневска.
Министерката за образование Весна Јаневска, по неколкунеделните манипулации и уверувања дека на 1 септември секое дете ќе добие учебници, конечно ја призна вистината – учебници за сите ученици НЕМА. Со ова, министерката директно си ги потврди лагите и манипулациите со јавноста.
Прво тврдеше дека „сè е подготвено, сè е под контрола, учебници на 1 септември ќе има за сите ученици“, потоа обвини дека СДСМ лаже, за да на крај под притисок на јавноста и на фактите, ретерираше и го призна она што СДСМ го тврдеше – дека учебници за сите нема.
Со тоа уште еднаш се потврдува она што СДСМ континуирано го кажува: владата и министерката не работат, туку манипулираат и претставуваат лажна слика пред јавноста.
Наместо вистински да работи за подобри услови во образованието, министерката Јаневска спроведува постојана изборна кампања – шета по училишта, по печатници и држи говори дека се е решено, додека реалноста е сосема спротивна:
Децата на почетокот на учебната година немаат сите учебници,
Наставниците работат во сè потешки услови.
Ако министерката Јаневска манипулира со јавноста, лаже и ако не е способна да го води ресорот, а јасно е дека не е – најдобро е да си поднесе оставка.
Учебната година започна, а учебници нема – иако власта потроши 11 милиони евра.
Учениците од осмо одделение немаат учебници по математика, историја, хемија, физика и странски јазици.
Во стручните училишта цели генерации останаа без учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.
Учебници има само за најмалите – од прво до трето одделение. За четврто и петто одделение состојбата е вистинска катастрофа.
И тие малку што ги има се нецелосни и испарталени. Родителите се принудени да печатат материјали од Вибер-групи, додека децата буквално немаат од што да учат.
Ова е доказ за целосната неспособност на власта. Весна Јаневска и премиерот Христијан Мицкоски ги изневерија учениците, родителите и наставниците. Наместо нови учебници – добивме признание дека учебници нема, иако парите се потрошени.
Учениците и наставниците не смеат да бидат жртви на неспособност.