Соопштение за јавност
Филипче од Карпош: Маја е човек кој работи со граѓаните и за нивните потреби
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вечерашната средба со граѓани од општина Карпош, порача дека кандидатката за градоначалник од СДСМ за општина Карпош, Маја Мојсова Мијовска, е човек со интегритет, искуство и силна човечка страна – особини кои како што кажа се клучни за вистинско и чесно раководење со општината.
„Прво имате кандидат кој што е навистина добар човек, кандидат кој што има искуство во работа со луѓе, знае што значи луѓето да имаат мака, а тоа е многу важно кога им пристапувате на граѓаните и на луѓето генерално, дали се пациенти или не се, затоа што таа проблемот треба да се слушне, да се разбере и да се постапи,“ рече Филипче, нагласувајќи дека таквиот пристап ќе биде принцип и во идното работење на Мојсова Мијовска.
Тој ја истакна нејзината способност да го препознае и разбере проблемот кај луѓето, но и да постапи кон решавање на тој проблем ја прави Мојсова Мијовска достоен кандидат за градоначалник на општина Карпош.
„Мојсова Мијовска е најдобар менаџер, таа знае во ситуации со прилично ограничени ресурси какви што ние сме имале во здравството, како да направи добра организација, како да направи прераспределба на луѓето, како да го искористи најдобриот капацитет, да го извлече најдоброто од нив и сето тоа да го стави во улога на и во служба на целокупниот систем за да на крајот излезе некаков резултат“, рече Филипче.
Во обраќањето пред жителите на скопската општина Карпош, Филипче порача дека тој лично гарантира за капацитетот на Мојсова Мијовска да ја води општината кон напредок.
„Сакам да уверам и да ви кажам дека јас лично стојам како гарант зад неа, зад сите нејзини предлози, зад сите нејзини ветувања, за целокупниот нејзин начин на однесување. Сакам да знаете дека од мое лично искуство ви кажувам дека секогаш ќе биде тука помеѓу вас и никој никогаш нема да има затворена врата. Никој никогаш нема да биде излажан. Со секој секогаш ќе има искрен отворен и чесен однос во насока на унапредување на тоа што ќе бидат ингеренции на градоначалникот, а една од тие е подобрување на животната средина“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.