Соопштение за јавност
Шукова: Парите за градски штаб ги донираме, градот е нашиот штаб
Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, синоќа на митинг во општина Центар најави еден поинаков, пристап кон кампањата, во духот на солидарноста. Шукова и кандидатите за советници одлучиле да се откажат од градски изборен штаб и средствата да ги насочи таму каде што најмногу се потребни.
„Јас како кандидат за градоначалник и кандидатите за советници во Град Скопје се откажавме од градски штаб. Сите средства за работа на штабот ќе бидат уплатени за Домот за деца без родители на Град Скопје. Нашиот штаб е целиот град. Секоја улица, секое маало ќе ни биде штаб. Не ни треба градски штаб. Средствата се за тие на кои им се најпотребни,“ изјави Шукова.
Со оваа порака, Шукова ја отвори својата визија за политика што не почнува и не завршува во партиски штабови, туку меѓу луѓето во секој дел од градот.
Таа потсети на борбениот дух на Центар, како симбол на отпорот и граѓанската храброст.
„Во 2013 година, кога Македонија беше заробена во канџите на режимот, вие бевте симбол на пркосот и непокорот. Симбол на слободарскиот дух и борбата за слобода. Тука почна борбата за нашиот дом. И борбата ќе почне од тука, и за Скопје и за Македонија” рече Шукова.
Таа истакна дека оваа борба денес продолжува не само за победа на изборите, туку за враќање на достоинството, за создавање модерно, зелено и хумано Скопје, град што ќе биде дом за сите.