Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Зоран Заев придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и од генералниот секретар Оливер Спасовски, попладнево се сретна со специјалниот пратеник на Р.Германија за Р.Македонија, Јоханес Хајндл придружуван од амбасадорката на Германија во Македонија Кристине Алтхаузер.
Начините за излез од политичката криза беа тема на состанокот.
Постои согласност дека решението е во реализација на преземените обврски со Договорот од Пржино од страна на потписниците и дека врвен приоритет за Македонија е организација и спроведување фер и регуларни избори.
-За таа цел неопходно е да се организира Влада за исполнување на условите за избори и нивно спроведување и да се дефинираат прецизни рокови за клучните услови за фер и регуларни избори, а тоа се пред се прочистување на Избирачкиот список и обезбедување објективно известување од медиумите, рече претседателот Заев.
Тој објасни како со политичка волја од сите страни е можно ефикасно прочистување на Избирачкиот список и обезбедување услови за медиумско балансирано известување.
-На Македонија и се потребни брзи регуларни избори, што ќе ги организира и спроведе, како што предвидува Договорот од Пржино, Влада којашто ќе биде гарант дека ќе биде испочитувана слободната волја на граѓаните. Оваа Влада којашто спроведувала криминални избори досега, ја изгуби довербата и легитимитетот за тоа, рече претседателот Заев.
На средбата заеднички е констатирано дека целосното повлекување на незаконската аболиција беше неопходност и отвора пат за функционирање на правната држава, но дека се потребни и соодветни реформи што ќе го обезбедат непреченото спроведување на правдата.