Соопштение за јавност
Костадин Ацевски: Ѓорче Петров ќе го вратиме на граѓаните – ќе ја стопираме бетонизацијата, ќе ја исчистиме општината и ќе направиме ревизија на сите проекти
Кандидатот за Градоначалник на Општина Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, во интервју за порталот „Локално“ истакна дека граѓаните на Ѓорче се изморени од неработење, импровизација и предизборни ветувања и дека е време општината повторно да стане место за достоинствен живот.
„Градоначалникот цел мандат неработење се обиде да го сокрие со работа во последните десет дена. Дури и во ноќните часови се реконструираат детски игралишта и улици, среде октомври, кога временските услови не го дозволуваат тоа. Стравувам дека ова брзање ќе резултира со неквалитет и затоа веднаш по преземањето на функцијата ќе спроведеме ревизија на сите овие проекти. Ако се утврдат неправилности, ќе има одговорност“, изјави Ацевски.
Тој најави дека во првите сто дена од мандатот ќе ја стопира бетонизацијата на Ѓорче Петров, ќе го прекине издавањето на дозволи за нови згради и ќе направи анализа на сите постојни урбанистички планови.
„Ѓорче мора да се развива хумано и човекот да биде пред профитот на инвеститорите. Наместо нови згради, ќе вложуваме во сообраќајни решенија, паркови и зелени површини. Граѓаните заслужуваат општина која дише, а не бетонски ѕидови кои го нарушуваат квалитетот на животот“, потенцираше Ацевски.
Осврнувајќи се на хигиената во општината, Ацевски рече дека состојбата е катастрофална и дека новата локална власт ќе мора да почне од нула.
„Ќе поставиме 750 канти за џебен отпад, контејнерите ќе бидат заменети со подземни на 85 локации, а ќе воведеме и телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат и закажуваат собирање на кабаст отпад директно од нивните домови. Ќе воспоставиме ефикасни комунални служби кои навремено ќе интервенираат и ќе спречуваат создавање нови диви депонии“, нагласи тој.
Во интервјуто Ацевски посочи дека во изминатите четири години, власта на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров не реализирала ниту еден капитален проект и покрај рекордните буџети и средствата од унгарскиот кредит.
„Општина Ѓорче Петров во последните четири години воопшто не се развиваше. И се рекордни буџети, како што се фали Стојкоски, и со 8 милиони евра од унгарскиот кредит во општина Ѓорче Петров не се реализираше ниту еден капитален проект. Од приближно 20 милиони евра во последнава година од мандатот, не се реши проблемот со водоснабдувањето, не се изгради алтернативна сообраќајница за жителите од Волково, Ново Село, Кисела Јабука и Даме Груев, нема две нови градинки како што ветуваше Стојкоски во 2021 година. Сите овие пари се потрошија на предизборно „замачкување на очи” со асфалтирање на улички по 50 метри, реконструкција на детски игралишта за кои имаа можност изминатите четири години да ги реализираат, не знам од која причина, не ги реализираа“, изјави Ацевски.
Тој се осврна и на контроверзниот проект „Населба за млади брачни двојки“ во Ново Село, за кој, според него, постои сомнеж дека се крие нова бетонизација.
„Под превезот на проект за млади, во план е урбанизација на нови површини. Поставивме јавни прашања до градоначалникот Стојкоски – дали зад овој проект стои уште една договорена зделка со инвеститори? До денес нема одговор“, рече Ацевски.
Во однос на решавањето на проблемот со водоснабдувањето, тој најави дека проектот „Оризарски рид“ ќе биде еден од првите приоритети.
„Ѓорче мора конечно да има стабилно снабдување со вода. Овој проект е клучен за здравјето на граѓаните и нема да дозволам да биде блокиран поради политички инает“, истакна Ацевски.
Ацевски во интервјуто порача дека општина Ѓорче Петров заслужува чесно, одговорно и транспарентно раководење.
„На 19 октомври ги повикувам сите граѓани да го заокружат број 5. Заедно да ја сопреме бетонизацијата, да го исчистиме Ѓорче и да ја вратиме општината во рацете на народот“, порача Ацевски.