Филипче: Реформите не зависат од уставните измени и мора да се спроведуваат

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека институционалните реформи се суштинска обврска што мора да се спроведе без разлика на политичките пречки и неизвесноста околу уставните измени. Според него, државата не може да си дозволи застој на реформскиот процес поради недостиг на политички договори или дневнопартиски калкулации.

„Кажавме уште лани дека ја поддржуваме владата да најде добро решение и гаранција дека нема понатаму да имаме блокади. Но тоа е едно прашање. Друго е реформите – тие се одвоен процес и мора да се тераат. А гледаме дека нема ниту еден чекор напред. Нема никакво поместување во тој дел“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека СДСМ останува на ставот дека е неопходна широка дебата и национален консензус околу стратешките приоритети на државата. Како чекор во таа насока, СДСМ предложи резолуција што е веќе доставена до сите парламентарни и политички партии со цел да се добие повратна реакција и конкретен став.

„Нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме и да дебатираме. Потенцирав неколку пати – тоа е предлог верзија, не е финална. Очекувам фидбек, но сè уште немам добиено официјален одговор од ниту една партија“, изјави Филипче.

Тој додаде дека сè што се однесува на стратешки национални интереси, вклучително и реформите, мора да биде предмет на консензус, а не на конфронтација. Повикувајќи на зрел политички дијалог, Филипче потенцираше дека е време сите актери да седнат на маса и да покажат дека реформите се над партиските калкулации.

„Тоа е процес што подразбира национален консензус. Мислам дека е редно да седнеме и да видиме како ќе се движиме понатаму. Ова не е момент за калкулации, туку за зрелост“, заклучи тој.