Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека укинувањето на техничката влада може да се случи само тогаш кога македонското општество ќе биде зрело и подготвено според европските стандарди.
„Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар.Затоа неопходни се реформи по европски стандарди, посебно во делот на правосудството“, рече Филипче.
Тој нагласи дека реформите мора целосно да се спроведат и реално да функционираат во институциите, согласно препораките на Европската Унија и оценската комисија.
„И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба, според препораките на оценската мисија, на луѓе експерти од Европската Унија, кога сите тие реформи, закони не само што ќе се донесат, туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, токму тоа е моментот кога државата ќе биде подготвена за укинување на техничката влада.
„Ете тоа е моментот кога ние како држава ќе бидеме спремни да се укине техничката влада, и тоа е клучно. Затоа СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои што оваа земја носат на ниво на европските стандарди. ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат. Нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, потенцираше Филипче.


