Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Македонија е доведена во сериозна меѓународна изолација поради политиките на актуелната власт, додека наместо одговори за реалните проблеми, јавноста секојдневно се соочува со дефокус и црна кампања.
„Нема одговор на вистинските прашања. За дупката во буџетот од 2 милијарди евра, за тоа што нема пари да се зголемат платите и пензии, за мигрантите, за црниот капитал преку Алата банка, за корумпираните тендерски постапки насекаде во државата. Нема одговор за проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат“, потенцираше Филипче.
Филипче подвлече дека наместо решавање на овие проблеми, власта свесно креира дефокус и јавен линч.
„Нема ништо за реалните проблеми со кои граѓаните се соочуваат секој ден. Само дефокус, јавен линч и црна кампања“, рече Филипче.
Тој истакна дека резултатот од ваквите политики е директна меѓународна деградација на државата.
„На листата сме на земји од третиот свет поради нивната политика на изолација, криминал, корупција и ноќни волци со кои што се среќаваат од врвот на владата. Ноќните волци блиски до Путин. Доста е веќе“, потенцираше Филипче.
Филипче оцени дека оваа власт ја деградирала политиката до степен што на граѓаните им е преку глава од манипулации и празни наративи.
„На граѓаните им е потребен подобар живот, повисок стандард, повисоки плати, повисоки пензии, добра иднина, пат кон Европа, за тоа треба да зборуваме, тоа е политика“, заклучи Филипче.

