Соопштение за јавност
Посетата на премиерот Мицкоски во Давос ја откри целосната изолација што неговата политика ја доведе Македонија. Наместо разговори со европски и светски лидери, Мицкоски се сретна само со своите неколку партнери. Што не е никакво изненадување, особено откако неговиот најблизок соработник, вицепремиерот Иван Стоилковиќ славеше со „Ноќните волци“, про-руски групи познати по поддршката на Кремљ.
Ова не е случајно, туку дел од поширок план за изолација на нашата земја од ЕУ, поттикнат од анти-ЕУ кампањата што ВМРО веќе некое време ја води, одбивајќи реформи и компромиси неопходни за европската интеграција, што ја загрозува иднината на следните генерации.
СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во телекомуникацискиот сектор во нашата земја, кои откриваат ланец на влијание што се протега од Будимпешта преку Белград до Скопје.
Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да додели трета лиценца за мобилен оператор на унгарската компанија „4iG“, не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план што ја загрозува независноста на нашата држава и слободата на медиумите.
Оваа компанија, која е единствениот понудувач на тендерот и која ќе плати 8 милиони евра за фреквенции, сега има право да изгради и управува со самостојна 5Г мрежа.
Компанијата „4iG“ не е обичен играч на пазарот, таа е длабоко поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес.
Сопственикот и претседателот на „4iG“, Гелерт Јасаи, е близок сојузник на Орбан, а компанијата стана „национален шампион“ во Унгарија благодарение на масивната државна поддршка, вклучувајќи тајни инвестиции од над 189 милиони евра и олеснувања во регулаторните процедури.
Орбан лично интервенираше во аквизициите на „4iG“, намалувајќи го влијанието на странските компании и зголемувајќи ја контролата врз информационите мрежи.
Овој потег во Северна Македонија само го потврдува Орбановиот план да го прошири своето влијание на Балканот.
Ова не е изненадување, имајќи предвид дека Христијан Мицкоски јавно изјави дека Орбан е негов близок пријател.
Владата на Мицкоски во 2024 година го најави тендерот за трет оператор, а сега ги гледаме плодовите на таа „пријателска“ соработка.
Оваа врска го објаснува и пошироката оска Орбан-Вучиќ-Мицкоски.
Тоа е затворен круг што, покрај бизнисите во телекомуникациите и енергетиката, вклучува и контрола врз медиумите.
Телекомуникациските компании се клучни бидејќи обезбедуваат инфраструктура за дистрибуција на медиумски содржини, манипулациии со информации и пропаганда.
Во рацете на вакви актери, тие стануваат алатка за политичка доминација, особено во земји како нашата каде што медиумите веќе се под притисок.
Еден од најјасните примери за ова медиумско влијание е Алфа ТВ, чиј мнозински сопственик е унгарскиот медиумски тајкун Петер Шац, близок сојузник и поддржувач на Фидес.
Шац ја презеде контролата врз Алфа ТВ во 2017 година преку компанијата ЦХС Инвест Груп, и од тогаш оваа станица стана гласноговорник на ВМРО и поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија.
Шац поседува и медиуми во Унгарија што служат за промоција на Фидес и Орбан, а во Македонија беше под истрага поради сомнителни реклами вредни 3,2 милиони евра.
Ова е дел од поширокото ширење на медиумското влијание на Балканот, што вклучува и портали како Курир.мк, или Република.мк, сите во служба на десничарската агенда.
Слично сценарио гледаме и во Србија, каде што Александар Вучиќ преку државниот телекомуникациски оператор „Телеком Србија“ презеде контрола врз бројни медиуми, вклучувајќи аквизиции на кабелски провајдери, ТВ станици како Прва и О2 (преку купување на Коперникус), и партнерства што доведоа до контрола врз таблоиди како Курир, кои сега служат за промоција на Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС).
Овој модел, каде што државниот телеком се користи за купување и контрола на медиуми, претставува директна паралела на она што се случува во нашата земја и во Унгарија, затворајќи го кругот на авторитарна контрола врз информациите.
СДСМ предупредува дека овој „затворен круг“ ја загрозува демократијата, економската независност и слободата на изразување во Северна Македонија.
Повикваме на итна истрага околу тендерот за трет оператор, транспарентност во сопственоста на медиумите и заштита на националните интереси од странско влијание.
Нема да дозволиме нашата земја да се претвори во сателит на авторитарни режими.
Борбата за праведна и слободна Македонија продолжува!

