Прес конференција на СДСМ, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор
Антикорупцискиот тим на СДСМ во изминатиот период го разоткри и системот на пропагандата и медиумскиот октопод Алфа – Алта.
Знам дека на многу професионални новинари не им беше пријатно да слушаат за свои колеги, но поинаку не можеше.
Но, ние не ги изедначивме со сите новинари кои професионално си ја работат својата работа, кои никогаш не сме ги спомнувале, дури и кога го критикуваат СДСМ.
Мораме да именуваме и дел од медиумите, за да се дојде до клучното: кои се сопствениците и која е политичката позадина.
Станува збор за политички проект на ВМРО, за ширење на влијанието на унгарскиот премиер Виктор Орбан и преземање контрола врз стратешките сектори и пред сè во медиумите и телекомуникациите.
Унгарски компании и поранешни високи функционери од унгарскиот јавен сервис, Агнес Адамик и Петер Шац, блиски до Орбан, систематски купувале контролни удели во македонски телевизии и портали.
Петер Шац, поранешен раководител за бизнис развој во Унгарската телевизија, е основач на неколку медиумски фирми во Унгарија, политички профилирани во корист на Орбан-базираниот медиумски наратив против политиките на ЕУ.
Агнес Адамик ја напушти Унгарската национална телевизија во 2012 година и подоцна основа свои медиумски компании во Македонија што го следеа истиот модел на експанзија.
„Target Media“ ДООЕЛ Скопје – основана во април 2017 година од Петер Шац, сопственик на 99% од „CHS Invest Group“ со мнозинство удели во телевизијата Алфа ТВ.
Исто така, во 2017 година, „Adinamic Media“, фирма основана од Агнес Адамик во Македонија, која е на чело на група компании што контролираат повеќе веб-портали и онлајн медиуми: Прва Република (под сопствеништво на Republika) и, од неодамна, порталот Пресинг.мк.
ЕМ Медиа, сопственик на порталите Курир, Денешен, Економски и Вистина.
Сето ова фактографски го покажуваат истражувањата на OCCRP и BIRN.
Овие медиумски групации и структури служат како политичка алатка на ВМРО. Но и како канали за политичко влијание и идеолошка експанзија, поддржувајќи политички партии и наративи што ја поддржуваат агендата на Орбан.
Затоа и Орбан ја поддржува ВМРО, сè е поврзано.
Во овој контекст мора да се гледа и последната одлука на Владата на Мицкоски за влез на унгарската компанија 4iG во телекомуникацискиот сектор. Ова не е изолиран економски потег, туку дел од поширок политички проект.
Проект во кој Мицкоски и ВМРО дејствуваат како локални извршители на стратегијата на Орбан: прво, за ширење на неговото политичко и бизнис влијание, и второ, за преземање контрола врз стратешки сектори како телекомуникациите и медиумите.
Се создава мрежа на авторитарни влијанија која ја оддалечува Северна Македонија од Европската Унија, ја поткопува медиумската независност.
Не случајно, за овие појави реагираа и европратеници, а Европската комисија побара поголема транспарентност и спречување на опасна медиумска концентрација.
Се што говори СДСМ се потврдува.
Нашиот Антикорупциски тим ќе продолжи јавно да ги разоткрива овие шеми.
Како што најавивме по нашата „Хроника на токсични наслови“, ќе се обратиме до сите меѓународни институции, вклучително и до ЕУ.
Ова не е прашање на една политичка партија, туку прашање на демократијата во земјата, слободата во медиумите и европската иднина на државата.


