Соопштение за јавност
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта, затоа цела недела нема информации, а а јавноста е сведок на организирана владина медиумска кампања за дефокус
Димитријевиќ посочи дека цела недела нема одговор на клучното прашање, како толкава количина дрога поминала преку македонската граница и кој ќе одговара за тоа.
„ Нема приведени, нема осомничени. Има само дефокус.Од јавно објавените фотографии може да се види дека запленетата дрога во Србија била пакувана во големи картонски кутии со димензии 60 на 40 сантиметри, со по 4 до 5 килограми марихуана во најлонски кеси. Тоа значи многу пратки, и многу возила, камиони. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери или камиони требало да ја поминат границата. Како?“, рече Димитријевиќ.
Притоа, Димитријевиќ истакна дека и за последните акции за запленет, одговорноста е кај власта.
„МВР молчи за тоа како 5 тони преминале преку македонската граница ама објавува дека заплениле 40 тони канабис во земјава. Ако навистина се запленети 40 тони нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.“
Тој нагласи дека без поддршка и заштита од институциите, ваков шверц не е возможен.
„Без поддршка, заштита и логистика од врвот на власта шверцот на огромна количина дрога преку границата не било возможно. Од Скопје до Табановце има 48 километри, со гранична и царинска контрола. Каде се камерите на „Safe City“? Каде е полиција? Каде се екипите на Мобилна царина? Каде се контролите?“, рече Димитријевиќ.

