Соопштение за јавност
Се потврди дека партиските послушници на Груевски во Уставниот суд, Елена Гошева, Јован Јосифовски и Никола Ивановски не можат да одлучуваат непристрасно и законски за изборните измами.
Гошева и Јосифовски поради директната партиска поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ, а кај судијата Ивановски има повеќе од конфликт на интереси.
За братот на Ивановски е поднесена кривична пријава пред три години а се уште не се знае ништо за неа.
Јавноста со право прашува дали пријавата намерно се држи во нечија фиока со цел Ивановски да ги испорачува партиските налози од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски?
Ќерката на претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, Слободанка е директорка за регулатива и големопродажба во Телеком, каде што главен извршен директор е кумашинот на Сашо Мијалков, Жарко Луковски.
Слободанка Гиевска односно Гошева била потпретседателка на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, УМС.
Сопругот на Слободанка е Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО- ДПМНЕ, сега член на Управниот одбор на ЕВН, именуван од владата.
Нејзиниот татко, односно сопругот на Елена Гошевска, Ѓорѓи Гошев, бил поранешен директор на Студентскиот центар, назначен од ВМРО-ДПМНЕ.
Другата ќерка на Елена Гошева, Бојана Гошева, работи во Агенција за електронски комуникации.
Но, овде не застануваат партиските инсталации на ВМРО-ДПМНЕ во Уставниот суд.
Јован Јосифовски и неговото семејство се исто така тесно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Од 2006-та до 2011 година Јосифовски бил претседател а и член на Државната изборна комисија предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Како член на ДИК, Јосифовски учествувал во избори што се предмет на кривично-правна истрага за изборни нерегуларности.
За Уставен судија, Јосифовски е предложен од Илија Димовски, односно од ВМРО-ДПМНЕ и во отсуство на пратениците од опозицијата е избран во 2012 година.
Дополнително, синот на судијата Јован Јосифовски, Борис, е генерален секретар во Кабинетот на Ѓорѓе Иванов, од ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со години наназад го крадат правото на слободен избор на граѓаните, а во тоа најмногу му помагале луѓето коишто тој ги постави во орган којшто треба да ја штити уставноста и законитоста во државата, Уставниот суд.
Затоа, срамната одлука на Уставниот суд не може и нема да го заштити Никола Груевски и неговите соработници од изборниот криминал.
Секој што го прекршил законот ќе одговара.
Скопје, 16.03.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА