Филипче: Власта намерно го блокира европскиот пат, заради нивни бизнис интереси

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто во ” Тема на ден” на телевизија Сител, нагласи дека власта намерно го кочи европскиот пат на државата, не поради заштита на националните интереси, туку поради сопствени бизнис калкулации. Филпче е дециден дека аргументите за наводна загрозеност на националните интереси се само изговор.

„Тоа е една голема лага. Националните интереси ниту се загрозени со нешто што претходната влада направила, ниту се загрозени со тоа што ќе треба да се стават Бугарите и Хрватите во Уставот. Како ќе бидат загрозени националните интереси? Единствено нешто што ќе биде загрозено се бизнис-интересите на власта кои што ќе бидат под мониторинг на Европското обвинителство. Затоа тие не сакаат, напред, да не се лажеме“, порача Филипче.

Во интервјуто Филипче, посочи дека државата веќе ја плаќа цената на застојот.

„Ние во овој момент највеќе страдаме, никој друг не страда. Страдаат државата, страдаат граѓаните, страдаат младите. Ние сме сега граѓани од втор или трет ред. Ние немаме пристап до единствениот пазар во Европа“, изјави Филипче.

Во однос на најавите за алтернативни модели за интеграција во ЕУ Филипче беше јасен:

„Ако Евроамбасадорот кажа дека нема таква опција, и дека единствена опција е полно право на членството, тогаш што може да каже било кој друг. Не постои алтернативен начин”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди дека доколку не се направи потребниот чекор, земјата ризикува да остане изолирана од следниот бран проширување.

„2027 година договорот за пристап на Црна Гора веќе се пишува. Црна Гора ќе стане земја членка на ЕУ, ќе стане Албанија…Многу сериозна е работата, сега е една раскрсница“, потенцираше Филипче.

СДСМ останува на ставот дека европската интеграција нема алтернатива и дека секое одложување е директна штета за граѓаните, економијата и иднината на младите, додека единствено што се штити се теснопартиските и бизнис интереси на актуелната власт.