Соопштение за јавност
Како и секогаш, немате никаков точен одговор на ниту една тема, само спин, му реплицираше претседателот на СДСМ и пратеник д-р Венко Филипче, на премиерот Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Филипче во репликата порача дека власта единствено знае да шири лажни вести преку контролираните медиуми.
„Ќе ги користите сега вашите медиуми под контрола на вашиот миленик Орбан да ширите лажни вести, да создавате колективна психоза. Премиере, не се води вака владата ни државата. Незадоволни се луѓето. Не се бранат работите така како што вие ги кажувате. Тоа едноставно не се брани. Не се брани да не им излезете у пресрет на земјоделците. Не се брани тоа да не им ги зголемите платите на работниците. Не се брани“, рече Филипче.
Тој додаде дека граѓаните од владата очекуваат поддршка а не дефокус и лажни вести.
„Луѓето очекуваат поддршка од вас, а не Харис Џиновиќ, Дубаи и така натаму. Не сакаат тоа да го слушаат. Тоа е кафански муабет. Еве сега гледаме сакате да бидете експерт во сè, ама ако сте експерт во сè, слушнете ги луѓето, слушнете ги нивните барања и најдете им решенија, затоа што се друго е импровизација. Сега слушнавме дека сте експерт и за инпут и аутпут. Лошо е кога во инпут и аутпут ќе импровизирате“, рече Филипче.
