Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Во продолжение интегрален текст од прашањето :
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
Предложениот законски текст декларативно зборува за автономија, зборува за европски стандарди, зборува за квалитет.
Но ако се чита внимателно, член по член, станува јасно дека позади тие убави зборови стои еден централизиран, контролиран и политизиран модел за управување со универзитетите.
Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Имено, законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Да бидам конкретна, Х-индексот не го мери квалитетот, туку покажува кој колку пати е цитиран. Во големите научни системи тоа можеби функционира, но во малите јазични заедници како нашата, во правото, во општествените и хуманистичките науки, во истражувањата што се од национален интерес, ова навистина не функционира. Тоа не значи дека трудовите се лоши. Тоа значи дека тие природно ќе бидат помалку цитирани.
Во исто време, ова покажува дека мерниот инструмент којшто е одбран за мерење на квалитет е лош. Но проблемите не завршуваат тука. Строгите критериуми на хартија, во пракса, во систем во кој може да постојат затворени академски кругови, меѓусебни цитирања и влијанија, формалната објективност може лесно да стане параван позади којшто ќе се фаворизираат едни исти луѓе.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна. Понатаму, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот. Ваквите формално строги и нелогично поставени критериуми во системот кој е политички и кадровски контролиран не го спречуваат непотизмот, туку напротив го легализираат.
Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата, што беше карактеристично за едно минато време кога на факултетите се вработуваа деца на професори, па тие стануваа и нивни асистенти. Тоа, министерке, и вие добро го знаете. А имаме и пример во салата. Поточно, излезе премиерот само што почнавме да зборуваме за ова. Во еден ваков систем токму тие деца, вработени во истата институција каде што се и родителите, имаат директен пристап до менторите коишто се колеги на нивните родители, можност за коавторство со нивните родители, иако можеби немаат никаков реален придонес во самиот труд, и лесен пристап до постоечките истражувачки кругови. Тој модел е симбол на академска ерозија, на затворен систем и на злоупотреба на авторитет. Со овој закон, наместо јасно да се пресече со тие практики, се создава средина во која тие повторно стануваат возможни, па дури и системски охрабрени.
Строгите критериуми најлесно се исполнуваат токму во семејните кругови. Така се создаваат и елитистички кругови кои се на штета на талентираните млади истражувачи, кои треба да исполнат невозможни услови, да вложат големи финансии и во исто време да се борат и со таканаречената елита. Затоа на младите истражувачи ќе им биде полесно да си заминат од државата. Затоа велам, ова е закон кој формално зборува за квалитет, а суштински создава комфор за истите луѓе и истите фамилии, додека за сите други системот го прави недостижно.
Сега доаѓам до едно навистина суштинско прашање, а тоа е автономијата. Во првите членови законот ја прогласува автономијата, но подоцна низ одредбите таа постепено се ограничува. Така, член 17 ставот 3 предвидува дека статутот на универзитетот мора да добие позитивно мислење од Владата пред да оди на согласност од Собранието. Ова значи дека универзитетот не може да го донесе својот основен акт без политичка дозвола од Владата. Тоа е директно спротивно на уставната гаранција за автономија. Според член 43, Владата предлага значителен дел од членовите на Националниот совет, или шест од вкупно 15 члена. Тоа тело носи правилници за звања, научни полиња и критериуми. Со тоа Владата индиректно ги контролира сите академски стандарди. Член 44 точка 26 вели дека правилникот за посебни услови за избор во звање мора да добие позитивно мислење од министерот. Ако не добие такво мислење, нема правилник. Е, ова, министерке, е директна политичка контрола врз академското напредување. А во истиот член, во точките 4 и 14, директно навлегувате во автономијата на универзитетите.
Со член 86 велите дека Владата именува четири од 11 членови во Универзитетскиот совет, а тоа тело може да запира одлуки на Сенатот и на ректорот. Формално ја почитуваме автономијата, но фактички има моќ да ја блокира. Во член 144 Владата одлучува за бројот на студенти. Универзитетот предлага, Владата решава. Контролата врз обемот на дејноста значи контрола врз развојот.
Во членовите 113, 114 и 117 Владата ја одредува партиципацијата, дава согласност за школарина, но и за тоа како ќе се располага со имотот на универзитетот. И така финансиската автономија практично е укината. Членовите од 198 до 200 велат дека министерот може да поништи одлука на универзитетот, да запре акт и да предложи укинување на институцијата, без суд, без академска инстанца, само со решение од министерот. Во член 202 став 3, инспекцијата може да ги преиспитува изборите во звања до пет години наназад, што остава простор за последици поради јасно искажан политички став. И кога сето ова заедно ќе го земете во едно, ја добивате јасната слика. Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот?

