Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Македонската економија тоне, граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Имавме конструктивни предлози како да им помогнеме на граѓаните, како да се зголеми минималната плата, за жал сето тоа власта го одби. Но, на економски план се случуваат консекутивни работи коишто ние ги најавивме и на коишто укажуваме.
Еден дел од сето тоа се и последните податоци од Народната банка коишто покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од, внимавајте, 61%.
Со Христијан Мицкоски на чело на Владата има намалување на странските инвестиции во 2025 година за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024-та година.
Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025-та година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада на премиерот – едноставно дебакл.
Бројките не се само бројки на хартија, тие означуваат работни места, означуваат благосостојба, означуваат квалитетен живот за огромен број работници. Во реалноста, за време на владите на СДСМ, 16 нови фабрики се отворија како резултат на директни странски инвестиции – гиганти како Гересхајмер, Магна, Леар, ДНЗ. Се генерираа над 10.000 работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што сега се случува? Историски пад на инвестициите и губење на работните места. Германскиот гигант Актив официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400–500 работници без работа. Во фабриката Дура се кратат производни линии, Магна го стопираше своето претходно најавено ширење, практично илјадници работни места се под ризик.
Разликата е кристално јасна – ние отвoравме фабрики, се отвoраа работни места со добри и високи плати, а сега работниците се оставени во ризик и со егзистенцијални проблеми. Едноставно, ова е резултат на политиката на оваа Влада – една тотална негрижа за државата во целост, за работниците, за квалитетот на живот. Има пари само за тендерите коишто водат до високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ блиски до премиерот Христијан Мицкоски. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 за трета фирма којашто е блиска до власта.
Нема никаков напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата. Дупката во буџетот е огромна, близу 2 милијарди евра, задолжувањата континуирано доаѓаат. Издадени се две еврообврзници во висина од една милијарда евра, сега се бараат нови 300 милиони евра. Ова се пари коишто со огромни камати ќе ги враќаат следните генерации.
Дадовме предлог за зголемување на минималната плата, опишавме како тоа да се направи, од кои ставки во буџетот коишто значат само луксузирање може да се добијат тие пари, но власта тоа не го прифати. Сè уште се на идејата да купат, замислете, нов владин авион. Сметаат дека во ваква лоша финансиска состојба, кога нема ниту една мерка во корист на работниците, тие треба да се грижат само за сопствениот комодитет.
Се кратат пари насекаде, нема пари во земјоделството, намалени се субвенциите за тутунарите, за сточарите, за лозарите, откупната цена на грозјето, откупната цена на оризот. Од оваа власт никој не се грижи за ниту еден сектор во земјоделството. Намалени се парите за пациентите со ретки болести за 3 милиони евра. Тоа не е само бројка на хартија, тоа се судбини и животи во ризик на пациенти коишто се соочуваат со најтешките болести.
За оваа власт сè ова е само еден голем приватен бизнис и ништо повеќе. Само криминални тендери, само интерес на една мала група на луѓе во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

