Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија д-р Венко Филипче, во денешната изјава во Собранието, изрази жалење од изјавите на ВМРО-ДПМНЕ во кои политиките на СДСМ за членството на Македонија во НАТО се оценуваат како предавнички.
„Жалам што и во текот на денешниот ден ВМРО-ДПМНЕ излезе со одредени квалификации, во кои политиките на Социјалдемократскиот сојуз во контекст на членството во НАТО ги нарече предавнички. Не знам за какво предавство станува збор, кога отсекогаш сме се бореле и ќе се бориме исклучиво за доброто на државата и на сите граѓани“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче додаде дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на државата, и тоа е резултат на стратешките, визионерските и државничките политики на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот. Колку е тоа важно гледаме особено во овие кризни времиња, кога на повеќе места во светот има војни. Ова што веќе четири години трае на територијата на Украина е резултат на агресијата на Русија. И новите жаришта што се појавуваат на повеќе места во светот дополнително ја нагласуваат важноста на нашето членство. Ова е трајна придобивка за нашата земја“, рече Филипче.


