Филипче за Мицкоски: Не го викаат без причина „мал Вучиќ“

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Мицкоски го имитира Вучиќ во сè, па така повторува како расипана плоча „De Facto и De jure“, , човекот сака да звучи како Вучиќ, му се восхитува, не го викаат без причина „малиот Вучиќ“, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче во интервју за неделникот Фокус. Филипче посочи дека политичкото делување на Мицкоски е копија на наративите и стилот што доаѓаат од Белград.

„Мицкоски во сѐ го имитира Вучиќ. Терминот „хибриден режим“ и хибридна кампања го зедоа од Вучиќ. Тие сè прават копи-пејст, како што ќе стигнат упатствата од Белград. Погледнете кога почнаа да го користат тоа, токму кога Вучиќ прв го спомна во Србија. Погледнете како ги држи рацете, како си ги мести очилата. Дури и авион почна да купува, затоа што Вучиќ зеде нов. Така е сè кај Мицкоски. Сè е копи-пејст“, рече Филипче.

Притоа Филипче посочи дека секогаш кога премиерот Мицкоски нема одговори за политичките состојби и на клучни прашања, го користи изразот „хибриден режим“ како обвинување за владата на СДСМ.

„Мицкоски, тој термин го користи кога нема одговори на прашања како што се: кој е Симо што го цитира Шешељ, кој низ Македонија пука од калашников со српска музика и руско знаме, а има цел албум фотографии со Мицкоски. Или кога нема одговор каква е врската со Душан Адамовиќ, висок функционер на СНС, сестринска партија на ВМРО, човек со криминално минато, навивач од трибини што јавно се фали со врските со Русија, а за Македонија вели дека е окупирана српска територија, кога нема одговор за мигранти, плати или како поминале 5 тони дрога преку границата, тогаш почнува кујната на лаги на ВМРО да работи“, рече Филипче.