Соопштение за јавност
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска ја откри бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката, која преку офшор компании, регионални партнери и поставување блиски луѓе на клучни позиции се поврзува со бизнисот со струја.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, истакна дека станува збор за мрежа која директно се поврзува со енергетскиот сектор, струјата и бизниси поврзани со струја.
Тој посочи дека мрежата започнува од Душан Адамовиќ, лице кое Мицкоски го назначил за почесен конзул во Србија.
„Започнува од едно име за кое Мицкоски не сака да се зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначи за почесен конзул во Србија, а 15 дена бегаше од одговор за неговата поврзаност“, рече Фрчкоски.
Преку оваа линија се доаѓа до офшор структури и енергетски компании.
„Преку Адамовиќ, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО, доаѓаме до офшор компанијата од Кипар, од каде почнува одмотувањето на ова бизнис-енергетско клопче. Од офшор структурата на Кипар е компанијата „Altaria Research Limited“, која води до „Rudnap Group“, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ. Руднап директно се поврзува со Сања Божиновска, министерката за енергетија во владата на Мицкоски, истакна Фрчкоски.
Тој нагласи дека кругот се затвора со поставување луѓе блиски до власта на клучни позиции во енергетиката.
„Во РЕК Битола, најголемиот производител на струја, директор станува Иван Куковски – близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Зошто е важен РЕК? Бидејќи кога се произведува помалку струја, Македонија мора да увезува скапа струја од надвор“, рече Фрчкоски.
Фрчкоски потенцираше дека токму овие политики имаат директни последици врз граѓаните.
„Кога ќе видите покачена сметка за струја, сетете се на оваа мрежа. Тука лежи причината. Кога ќе видите покачени цени, кога Мицкоски ќе ви каже дека нема пари за плати, дека сте хистерични кога барате поголеми плати – ова е позадината. За Мицкоски сè е само бизнис“, порача Фрчкоски.


