Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати директно прашање до премиерот Мицкоски за тоа кој ќе понесе одговорност ако државата остане надвор од Европската Унија. Филипче посочи дека граѓаните јасно ја изразуваат својата европска определба, додека власта со своите политики го кочи евроинтегративниот процес.
„Граѓаните јасно кажуваат во сите испитувања на јавните мислења, над 70% сакаат да станеме земја членка на Европска Унија. Колку не чини ова што сега не се отвораат преговорите со Европската Унија. Пресметал ли некој во владата колкава сума на пари ќе стигнат тука кога ќе се отворат пристапните фондови, во сите сектори согласно отворањето на поглавјата. Колку финансиски средства во огромен процент и како грантови ќе стигнат до нашите граѓани, каков што бенефит видоа граѓаните на сите земји членки кои што пристапија во Европска Унија и постари и поновите Хрватска на пример Романија, Бугарија“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта не ја спроведува реформската агенда и наместо да ги исполни обврските за напредок кон ЕУ, власта свесно создава поделби и тензии за да го задржи политичкиот рејтинг.
„Зборува за спроведени реформи, се поставува прашањето за кои реформи кога ниту еден закон од областа на правосудството минатата година од реформската агенда не беше донесен. Создаваат намерни конфликти и шират некакви лаги за бугарска завера. И тоа е еден веќе виден стар, добар рецепт за да се задржи власта, а притоа жртвувајќи ја иднината на државата и на граѓаните“, рече Филипче.

