Соопштение за јавност
На денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче предупреди на дополнителни сериозни ризици од застој на евроинтегративниот процес на Македонија, доколку следната година на изборите во Франција победи десничарската партија за која проширувањето на Европската Унија не е приоритет.
„Kаква одговорност презема власта доколку следната година на пример на изборите во Франција победи десничарската партија за која проширувањето не е приоритет. Kој ќе ја преземе одговорноста ако вратата во Европа за нас се затвори? Кој ќе ја презеде одговорноста ако Албанија стане земја членка пред нас како што стојат работите и ни наметнат нови барања“, рече Филипче.
Тој додаде дека граѓаните имаат јасна определба за членство во Европската Унија, но дека актуелните политики на владата го доведуваат во прашање овој стратешки интерес од кој зависи напредокот на државата.
„Граѓаните јасно кажуваат во сите испитувања на јавните мислења, над 70% сакаат да станеме земја членка на Европска Унија. Се поставуваат уште неколку прашања, колку не чини ова што сега не се отвораат преговорите со Европската Унија. Пресметал ли некој во владата колкава сума на пари ќе стигнат тука кога ќе се отворат пристапните фондови, во сите сектори согласно отворањето на поглавјата. Колку финансиски средства во огромен процент и како грантови ќе стигнат до нашите граѓани каков што бенефит видоа граѓаните на сите земји членки кои што пристапија во Европска Унија и постари и поновите Хрватска на пример Романија, Бугарија“, рече Филипче.

