Филипче: Додека граѓаните плаќаат поскапо, владата ги штити бизнис интересите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Единствено нешто за што оваа влада се грижи се бизнис структурите блиски до власта кои што профитираат од овие високи цени на горивата и на храната, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференцијата. Филипче укажа дека веќе е активирана спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната, а досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните околу 4,5 милиони евра.

„И додека граѓаните плаќаат се поскапа храна и гориво некој остварува екстра профити. Ова не економска политика, ова е заштита на бизнис интересите на одредени компании на сметка на народот и тоа денес веќе на сите им е јасно“, рече Филипче.

Тој порача дека сега е најважно да им се помогне на граѓаните, да се заштити животниот стандард а не бизнис интересите, и да се преземат суштински мерки.

„Во овој момент треба да се заштити животниот стандард на граѓаните а не интересите на тие бизнис структури. Со ваков пристап оваа криза само ќе продолжи да го урнисува стандардот на граѓаните. Суштинските решенија мора да опфатат и мерки за долгорочно намалување на цените на храната комбинирано и со акцизите на цените на горивата.Луѓето немаат пари да ги прехранат семејствата“, рече Филипче.

Притоа Филипче потсети дека во најголемите кризи, ковид кризата и енергетската криза, владата на СДСМ со конкретни мерки им помогна на сите граѓани и компании и покажа дека може, кога државата се грижи за стандардот на граѓаните да испорача мерки, да им помогне, но треба да се грижи за граѓаните а не за интересите на бизнис заедницата.

“Во ковид кризата владата на СДСМ имаше над 110 мерки донесени во пикот на кризата поделени во шест пакети со вкупна вредност од 1,2 милијарди евра со кои директно се ублажија последиците од кризата. Во енергетската криза во 2022 година обезбедивме пакет на мерки вредни 760 милиони евра. Не само субвенционирање на цената на струјата на над 600.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, туку и конкретна поддршка на ранливи категории на граѓани, за ученици за студенти, за пензионери, за граѓани корисници на социјалната помош, за граѓани со посебни потреби, за самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци како и поддршка на компаниите“, рече Филипче.