Тренчевска: Мерката на Владата е задоцнета и без ефект, потребни се сет мерки за заштита на стандардот на граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соооштение за јавност

Мерката на Владата за горивата е задоцнета, нема да даде ефект и нема да го заштити стандардот на граѓаните, нагласи потпретседателката и пратеничка од СДСМ, Јована Тренчевска, во вечерашната дебата на „Топ тема“, на телевизија Телма.

Тренчевска посочи дека денешното зголемување на цената на дизелот сериозно ќе ја погоди индустријата, што понатаму ќе придонесе за дополнително покачување на цените на храната.

„Досега имаме трипати зголемување на цената на горивата, во истиот период основните прехранбени производи во маркетите се качуваат, како што е цената на зејтинот, на месото, на јајцата, на овошјето и зеленчукот. Вчера се зборуваше за намалување на цените на горивата, меѓутоа денеска, после одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и она намалување на ДДВ од 18 на 10%, кај дизелот имаме зголемување за три и пол денари плус, а целиот индустриски сектор и земјоделството користат нафта, така што зголемувањето ќе има негативно влијание врз индустрискиот и земјоделскиот сектор“, рече Тренчевска.

Притоа, Тренчевска нагласи дека со една мерка, како што е сега намалувањето на ДДВ од 18 на 10%, може да се постигне ефект во заштита на стандардот на граѓаните.

„Потребен е сет на мерки коишто би се донеле за да може да се заштити животниот стандард на граѓаните. Кај нас можеби е најевтино горивото, но се најниски платите. Од тие причини, СДСМ ги поднесе предлог-законите, измените и дополнувањата на Законот за намалување на ДДВ на горивата на 5%, намалување на ДДВ на храната на нула проценти за основните прехранбени производи, намалување на акцизата за 4 денари и преполовување на патарините, како сет на мерки коишто навистина би го заштитиле животниот стандард на граѓаните во овој момент и би ги заштитиле и приватниот сектор и земјоделците“, рече Тренчевска.

Во дебатата, Тренчевска додаде дека власта, наместо секојдневно да прави дефокус и да бега од реалните проблеми, треба да се фокусира на потребите на граѓаните и дополнително да го прошири опсегот на мерки.

„Социјално ранливите категории на граѓани сега најмногу се погодени од поскапувањето и зголемувањето на цените на горивата и храната, а не гледаме никакви мерки, ниту пак најава на сет мерки со кои би се заштитил животниот стандард на работниците кои што се со минимална плата, на пензионерите коишто се со најниски пензии, на социјално ранливите категории на граѓани, на лицата со попреченост. Во 2022 година ние имавме мерки со коишто ги заштитивме и земјоделците и ранливите категории на граѓаните и приватниот сектор, генерално сите граѓани“, рече Тренчевска.