Филипче: Владата да ги прифати мерките на СДСМ за реално да им се помогне на граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска уште еднаш ја повика Владата да ги прифати предлог-мерките на СДСМ, кои се единствениот начин да се обезбеди вистинска помош за граѓаните во услови на економска криза.

„Владата мора да направи две работи, прво да ги прифати нашите мерки поради тоа што тие се тие мерки коишто реално ќе дадат некаков резултат и цените на горивата ќе се намалат, а ќе се стави на некој начин и пречка во дополнителниот раст на цените на храната“, рече Филипче.

Тој нагласи дека намалувањето на ДДВ-то на горивата и основните прехранбени производи на 0%, како и намалувањето на акцизата за 4 денари, ќе донесе вистинско поевтинување и директен бенефит за граѓаните и компаниите, поради тоа што граѓаните сега не гледаат бенефит од намалувањето на ДДВ-то, бидејќи и покрај намалувањата на ДДВ-то цените пораснаа.

„Со намалување на акцизата цената на литар гориво ќе се намали. Од тоа директна бенефит ќе имаат и компаниите, нема да влијае тоа во дополнителниот синџир на раст на другите цени на коишто бизнисот влијае поради тоа што се случува со поголема цена на горивата“, додаде тој.

Претседателот на СДСМ, Филипче посочи дека потребно е и намалување на цените на патарините, за да се олесни финансискиот товар за граѓаните во време на криза.

„Мора да им се олесни на луѓето во оваа тешка криза. Дополнително како втора работа на сето ова, посебни пакети мерки за посебни категории на граѓани, за социјално загрозените, луѓе со посебни потреби, најсиромашните пензионери, луѓе со ниски примања, семејства со повеќе деца. Се тоа што ние го правевме за време на кризите“, потенцираше Филипче.