Соопштение за јавност
Оваа влада на ВМРО и на Мицкоски свесно сака да ја држи Македонија изолирана од евроинтеграциските процеси, затоа што веројатно членството во ЕУ не оди на линија на начинот на владење кој што сака да го демонстрираат и на начинот на кој што ги користат јавните ресурси, нагласи заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, во интервју на Македонската радио-телевизија.
Каранфилова Пановска предупреди дека државата на тема евроинтеграции веќе подолг период се наоѓа во ќорсокак, а владата на ВМРО не исполни ништо од тоа што го ветуваше во предизборната кампања.
„Веќе две години оваа власт која што дојде со ветувања дека ќе обезбеди подобра преговарачка позиција, ќе обезбеди гаранции, ќе ги преименува или ќе ги раскине договорите со соседите, не прави апсолутно ништо друго, освен што ги влошува намерно добрососедските односи и со Грција и со Бугарија и не прави ништо да ги спроведува реформите дома, за што доаѓаат веќе забелешки во официјални извештаи и на Европската комисија и на Европскиот парламент. Уште помалку прави нешто за да го консолидира граѓанството и политичките фактори за да може да се пристапи кон она што е очекување и барање од актуелната преговарачка рамка, а тоа се уставните измени“, рече Каранфилова Пановска.
Таа додаде дека власта со досегашните политики за евроинтеграции јасно покажува дека не сака да ги спроведе потребните услови за државата да продолжи по европскиот пат.
„Во таква ситуација, во ситуација кога вие ги имате сите полуги на располагање, од администрација до две третини во Собранието, да не ги спроведувате реформите, да не покажете интерес како да го одблокирате евроинтеграцискиот пат, не покажува ништо друго, освен дека оваа влада не сака тоа да го направи“, рече Каранфилова Пановска.
Оттука, како што кажа Каранфилова Пановска, се поставува прашањето кој ќе сноси одговорност прозорецот за можноста за овој бран на проширување на Европската Унија ќе се затвори.
„Кога ќе ги видиме како полноправни членки на Европската Унија, Албанија и Црна Гора, а сите други држави од соседството, поранешно, Украина и Молдавија, напреднати во преговарачкиот процес, ќе ги користат европските фондови, а Македонија ќе седи затворена овде како црна дупка, кој ќе ја сноси одговорноста за тоа што овие млади што денеска се заминуваат уште толку ќе заминуваат. Кој ќе сноси одговорност што нашите институции нема да се реформираат, затоа што фондовите кои што треба да ги користиме како гранд пари, нема да ги искористиме, и затоа што странските инвестиции, бидејќи сме непредвидлив регион, кој што не гарантира никаква стабилност, и оние што сега си одат, уште повеќе други воопшто нема да дојдат“, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека за блокирањето на европскиот пат, владата на ВМРО и на Мицкоски ќе сноси сериозна одговорност, а времето, тоа ќе го покаже.



