Соопштение за јавност
Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, придружуван од Пеце Мирчевски, претседател на Комисијата за животна средина и Тања Ковачева, член на извршниот одбор на СДСМ, денеска беа помеѓу граѓаните на Велес и велешко.
Загадувањето, невработеноста, сиромаштијата, иселувањето на младите, криминалот се она што го потенцираа велешани како главни проблеми со кои се соочуваат.
– Со барокните фасади и споменици за кои се фрлат милиони евра можеше да се реши проблемот со загадувањето на воздухот. Доста ни е од празни ветувања, и ние сме граѓани на оваа држава и заслужуваме да дишеме чист воздух, рече револтиран граѓанин.
Излезени во голем број, граѓаните на Велес и велешко дадоа поддршка на СДСМ. Мора да се стави крај на сите криминали и коруптивни дејствија направени во изминатите 10 години, децидни беа граѓаните.
– СДСМ во борба против криминалот и корупцијата коишто се одомаќинија во изминатите 10 години. Сакам да упатам јасна порака, новата влада предводена од СДСМ ќе води бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот. Секој оној, без разлика на политичката припадност, што сторил криминал, се збогатил на грбот на граѓаните ќе одговара. Законот ќе важи за сите и нема да има никаков компромис, рече Спасовски пред велешани.
Спасовски во обраќањето пред велешани нагласи дека иднината на Македонија е заминување на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во историјата.
Мораме да ставиме крај на оваа расипничка власт и да ги вратиме вистинските вредности вредности: слобода, солидарност, правда. Мораме да си ја вратиме назад државата, која е узурпирана од оваа мала група на власт. Тоа е она за што мораме сите да се бориме. , рече Спасовски.
– Сите граѓани на Македонија ја видоа вистинската слика за тоа како работат режимските медиуми, платени со милиони евра, пари на граѓаните. 20 милиони евра, за три години, се префрлени на сметките на режимските медиуми, за пропаганда, ширење лаги и контрола врз уредувачката политика. Затоа СДСМ инсистира и се бори за професионално и избалансирано известување на медиумите, за слобода на медиумите и регулација на медиумскиот простор, рече Спасовски.
Спасовски напомена дека избори ќе има во Македонија откако ќе биде прочистен избирачкиот список, кога ќе имаме фер и слободни медиуми што ќе овозможат волјата на граѓаните да бидат почитувана во целост.