Тренчевска за Тошковски: Потфрли во најважното – безбедноста на граѓаните, не ги заштити жртвите од наслиство

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на пратеничката Јована Тренчевска, СДСМ

Денеска зборуваме за еден министер и министерство што треба да биде институција што внесува сигурност кај граѓаните, што штити, што превенира, што реагира навреме, што казнува криминал и што гарантира дека државата е присутна тогаш кога некој е во опасност.
Но, што имаме ние денес од сето ова? Ништо.
Македонија е далеку од држава во која владее ред, правда и одговорност. Имаме министер за внатрешни работи, со кој МВР стана симбол на скандали, безредие и партиска послушност.
И на толку скандали, на толку пропусти во казнивоста, пропусти во заштитата на граѓаните, на жртвите кои бараат помош, насилства, убиства, трагедии – секој функционер со минимум доблест, досега ќе понесеше одговорност и немаше да биде на функцијата.
Што видовме од министерот Тошковски – нула одговорност, прес-конференции со празни фрази од типот „ќе постапиме“, и ништо од постапувањето.
Нема толку време на собранискава седница да се зборува за сите скандали и пропусти на Тошковски – долга е листата.
Во последните две години, живееме во држава во која насилството стана секојдневие – во училиштата, во домовите, на улиците.
Сведоци бевме на случаи на насилство врз жени, кои поради задоцнети реакции од МВР, завршија фатално, со убиства и самоубиства.
МВР на чело со Тошковски не ги заштити жртвите од насилство.
Згаснаа животи на мајка и малолетно дете – МВР на чело со Панче Тошковски не ги заштити. И покрај 12 пријави за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана – МВР било слепо и глуво.
Насилник во Велес ја уби младата Росица и нејзиниот татко – уште едно во низата потврдувања дека МВР и Тошковски потфрлија.
Сериски убиец во Кумановско Старо Нагоричане уби пет жени, додека две години биле игнорирани пријавите на жителите – МВР и Тошковски повторно потфрлија.
Наместо неселективност во казнивоста на насилниците, видовме дека законите за ВМРО не важат. Условна казна доби припадникот на обезбедувањето на Мицкоски – човекот кој ја претепа сопругата и призна вина за насилство.
Насилник е насилник, и МВР има должност да постапува неселективно и во корист на жртвата.
Каква порака испраќа оваа одлука на жртвите кои собираат храброст да пријават насилник, на жените кои секојдневно трпат закани, навреди и физичко насилство?
Дека полицијата не ги штити? Дека ако насилникот е близок до ВМРО, ќе му биде простено? Можат ли жртвите да се чувствуваат безбедни? НЕ!
Имаше случај и кога бодигард на премиерот тепаше полицаец пред угостителски објект во Скопје, а министерот Тошковски го заштити и го ослободи од одговорност.
Не важи законот и казната за нив.
Децата не ни се сигурни на улица, наместо да растат во сигурна средина, растат со страв.
Во училиштата и на улиците гледаме брутално врсничко насилство. Сведоци сме на злоупотреба на деца.
Ова е сериозен аларм дека системот кој треба да штити и да ги превенира ваквите девијантни појави, целосно потфрли.
Ова е директна последица на континуирани пропусти и несоодветното постапување на МВР и јасна одговорност на министерот Тошковски.
Ни се случи најголемата трагедија во историјата – пожарот во дискотеката „Пулс“ во која животот го изгубија 62 млади лица, а над 200 се повредени.
Тошковски во ниту еден момент не покажа дека правдата за оваа трагедија ќе биде неселективна.
Има ли појасен доказ за селективна правда, за партизираност и сервилност на полицијата од тоа што ниту еден полициски службеник не беше прогласен за одговорен за кобната ноќ, сè додека граѓаните, семејствата и родителите на жртвите од Кочани не го кренаа својот глас и не излегоа на улица?
За ваква ли безбедност и ред две години зборува Тошковски, кога граѓаните денес не се чувствуваат безбедни ниту надвор, ниту дома?
Да потсетам и на серијата убиства што се случија само во Скопје – убиство во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Убиство во кафе-бар во Штип, каде странски државјанин пукал, убивал, па бегал.
Разбојништва, кражби, фрлени бомби во дворови на граѓани, запалени автомобили.
И додека безбедноста е на дното, се случуваат сериозни скандали што покажуваат колку МВР со Тошковски на чело е партизирано – колку системот е ставен во функција на заштита на власта.
Пет тони дрога поминаа преку граница. Пет тони. И до ден-денес нема целосен и уверлив одговор како е тоа можно, кој дозволил, кој затаил и кој ќе одговара. Ова не е мала грешка, ова не е технички пропуст, ова е скандал од највисок ранг што покажува пробиен систем и министер што нема контрола врз она што мора да го контролира.
На Тошковски му избега од рака контролата над границите. Косовската граница стана канал за бегство на криминалци, без никакви проверки. Две бегства му се случија на Тошковски во првите шест месеци и сè тоа добро се заташка.
Тошковски ветуваше професионализација на безбедносните служби, а првите најважни началници, едниот на Бирото за јавна безбедност, кој наместо да се грижи за нашата безбедност е незаконски назначен, а другиот началник има фалсификуван документ, сертификат.
Наместо професионализација на министерството за внатрешни работи во мандато на Тошковски беа отворени бројни сомнеже за партиски влијанија врз кадровската политика и функционирањето на институцијата.Во јавноста беа посочување случаи на прераспоредување, унапредување и кадровски решенија, што остава впечаток дека политичката припадност пред стручноста и професионалните критериуми.
Последното мислење на Комисијата за недискриминација од 11.6.2026 , констатира дискриминаторско постапување во рамки на МВР, што отвора прашање за политички притисоци, за непочитување на еднаквиот третман на одговорноста на раководните структури во министерството.
Одговорноста на министерот за внатрешни работи е огромна и таа не се мери само со број на прес-конференции, соопштенија или политички настапи.
Таа се мери со тоа дали системот функционира тогаш кога е најпотребно.
Таа се мери со тоа дали насилството се спречува, дали криминалот се казнува, дали жртвите се заштитени, дали граѓаните се чувствуваат безбедно.
Кога системот потфрла таму каде што мора да биде најсилен, тогаш одговорноста оди нагоре, до министерот.
Ама кај Тошковски очигледно се доаѓа доцна, како и реакциите.
И затоа денес прашањето е многу едноставно: ако после сите овие скандали, случаи, и уште многу за кои времето не дозволува, нема одговорност – тогаш за какво забрзување зборува оваа Влада во која сте и вие, министре Тошковски? Со вас единствено забрзано се руши безбедноста и правдата во државата.
Граѓаните бараат држава што ќе функционира и полиција што ќе ги штити. Бараат жртвите да бидат заштитени, а не насилниците. Бараат законот да важи за сите, а не само за оние што немаат политичка заштита. Бараат Министерство за внатрешни работи што нема да биде партиска алатка, туку вистински гарант на безбедноста.
Вие, министре Тошковски, потфрливте во најважното – да обезбедите сигурност, безбедност на улиците, навремена реакција, заштита за жртвите, казна за криминалците, професионално и непартизирано МВР. Наместо тоа, добивме небезбедност, селективност, скандали и длабоко разнишана доверба во системот.
И затоа доблесно е да понесете одговорност.

Линк до видео: