Филипче: Власта сакаше да отвори врата за изборен грабеж, со гласање без контрола

Facebook
Twitter
LinkedIn

Со Изборниот законик, власта сакаше да отвори врата за изборен грабеж, со гласање без контрола, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју во „Тема на денот“, на телевизија Сител. Филипче предупреди дека предложените измени на Изборниот законик во делот на гласањето на дијаспората, отвораат сериозен ризик за злоупотреба на изборниот процес и ја доведуваат во прашање контролата и довербата во гласањето. Тој посочи дека, власта наместо да обезбеди фер и транспарентни избори, предлага решенија за кои нема механизми за контрола и не дава одговори на легитимните забелешки на опозицијата.

„Сакаат да наметнат, да протнат одредби со кои ќе се отвори сериозен сомнеж дека изборите, кога и да се случат, 2029-тата, претседателските и така натаму, има ризик да бидат украдени. Зошто? Се предлага целосно поинаков систем од тоа што досега веќе е воспоставен систем на гласање на нашите гласачи со фингерпринти, проверка на идентитет итн, целосно различен систем. Прво се предложи електронско гласање. По нашите укажувања дека тоа е нешто што е апсолутно невозможно да се контролира, нешто што многу поразвиени демократии од нас планирале да го воведат, па се откажале поради ризиците, се прави само една модификација – сега дијаспората да гласа по пошта, со писма“, рече Филипче.

Тој додаде дека и предложеното гласање по пошта не нуди никакви гаранции дека процесот ќе биде заштитен од злоупотреби и дека не постои механизам со кој ќе се обезбеди автентичност на гласовите.

„Повторно, апсолутно никаков механизам за контрола на тој процес. Како ние можеме да бидеме сигурни дека тие писма, кои ќе стигнат на денот на гласањето, на претседателските избори, да кажеме, 2029 година, ќе бидат автентични и испратени од луѓето кои навистина се наши луѓе што живеат во дијаспората? Како можеме да бидеме сигурни дека тој процес некој нема да го злоупотреби? Како можеме да бидеме сигурни дека еден човек нема да испрати писма во име на повеќе луѓе?“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче посочи дека власта нема никакво логично објаснување за предложените измени и дека со нив неоправдано се остава простор за сомнежи во изборниот процес.

„Зошто се туркаат некои предлог-измени за кои немаат никакво логично објаснување, ниту логични одговори на нашите многу легитимни прашања? Зошто се дава можност да се стави товар кој ќе го носат утре нашите граѓани од дијаспората, па некој да им каже – вие сте виновни што изборите беа фалсификувани“, рече Филипче.