Ова е корумпирана влада која ја води државата во погрешна насока, ја задолжува без јасен план и се обидува да опстои преку популизам, национализам и манипулации, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Филипче истакна дека власта не нуди резултати, туку зад себе остава економски проблеми, празен буџет, растечки дефицит и сè поголема неизвесност за граѓаните, а наместо да работи во интерес на државата, владее преку страв, пропаганда и злоупотреба на чувствителни национални теми.
„Ова е најкорумпираната влада што државата некогаш ја имала. Најкорумпираната влада во Европа, која ќе ја заглави државата во кредити што ќе ги плаќаат следните генерации, само за да владее со националистичка, популистичка реторика и да ги плаши луѓето со тоа дека некој ќе ни ги земе идентитетот и јазикот“, рече Филипче.
Филипче потсети на фактот дека актуелната економска состојба е директна последица на политиките на Владата и предупреди дека граѓаните веќе ги чувствуваат последиците.
„Буџетот е празен, ребалансот е страшен дебакл. Огромен раст на дефицитот, нема предвидени пари ни за соодветен раст на пензиите, ни за раст на платите. Нема доволно пари за субвенции во земјоделството. Нема доволно пари за зголемување на социјалните трансфери. Срамота е ова што се прави. Ние ваква власт не заслужуваме и граѓаните мора да бидат свесни, мора да се разбудат и да дадат поддршка, затоа што вистинските политики се само во нашиот фронт за вистина и правда“, нагласи Филипче.



