СДСМ и коалицијата предложија државни награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“- ВМРО го одби предлогот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата на денешната седница на собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, предложи воведување на две нови државни награди – „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“, со цел да им се оддаде највисоко признание на личностите кои имаат со исклучителен придонес во областа на јазикот, науката и културата.

За наградата „Блаже Конески“ се предвидени 416.950 денари, а исто толку, 416.950 денари, и за наградата „Ремзи Несими“. Предлог-законот на комисиската седница го образложи пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Со предложените измени, предлагаме воведување на две нови награди, а тоа се „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“. За ниту еден од овие два предлози не е потребно да се кажува колкаво е нивното значење“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека иницијативата за наградата „Блаже Конески“ потекнува од Советот за македонски јазик.

„Значењето на Блаже Конески е навистина непроценливо и сестрано и сметам дека веќе и задоцнето ја заслужува оваа награда“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Во однос на наградата „Ремзи Несими“, Костадиновска-Стојчевска рече декас наградата се предлага по иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и се предлага воспоставување на оваа државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава.

Воедно, Костадиновска Стојчевска посочи дека со предложените измени се обезбедуваат услови двете нови државни награди да станат дел од системот на државни признанија.
Таа додаде дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата веќе поднесе и амандман на ребалансот на Буџетот за обезбедување на средствата потребни за нивна реализација уште оваа година.

„Предвидено е наградата „Блаже Конески“ да се доделува на 19 декември, а наградата ‘Ремзи Несими’ во втората половина на месец декември“, рече Костадиновска-Стојчевска.

На собраниската комисија, владејачкото мнозинство на ВМРО и коалицијата не го прифатија предлогот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, за измени во законот и воведување на овие две државни награди.

Линк до видеото :