Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес- конференција порача дека реконструкцијата на Владата не носи никаква суштинска промена, туку само нова верзија на истата неспособна власт која веќе една година не успева да одговори на ниту еден клучен проблем на граѓаните. Филипче посочи дека наместо нов почеток и нови политики, со реконструкцијата, граѓаните добиваат само продолжување на неуспешното владеење на ВМРО.
„Вчера помина реконструкцијата на Владата и практично имаме една ревидирана верзија на тотално неспособна Влада, неспособна да се справи со ниту еден проблем на граѓаните. И исто како што и оваа Влада до вчера функционираше, исто ќе биде и сега“, рече Филипче.
Тој додаде дека реконструкцијата не значи нова политика, туку само обид да се прикрие неуспехот на Владата, која нема ниту план, ниту визија за справување со кризите.
„Од оваа Влада, граѓаните може да очекуваат само една нова нула. Ниту план, ниту визија, ниту стратегија како да ги решат секојдневните, се поголеми проблеми на граѓаните и на државата“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, нагласи дека резултатите од владеењето на ВМРО се веќе видливи – економијата стагнира, животниот стандард опаѓа, граѓаните секојдневно се соочуваат со нови ценовни шокови, европскиот пат стагнира.
„Стагнира економијата, опаѓа животниот стандард, цените растат, сега имаме ново покачување на цените на горивата, ова ќе донесе дополнително активирање на спиралата на поскапување насекаде. Видовме дека Владата изминатиот период не се справи со ова, ниту пак направи некој чекор да се обиде да го спречи растот на цените. Европскиот пат е блокиран, очигледно многу добро смислено, многу одамна, не сега – едноставно немаат одговор на ниту едно суштинско прашање“, рече Филипче.
Воедно, Филипче додаде дека секогаш кога нема решенија ВМРО посегнува по навреди и закани.
„И кога се нема резултати, кога нема решенија, Мицкоски ги навредува и им се заканува на пратениците во Собранието.Вчера направи хаос за да прикрие сопствената неспособност, тоа што Владата нема апсолутно никакви резултати во ниту еден сегмент на функционирањето, и се обидува да создаде алиби за предвремени избори, бидејќи рече дека нема, сега очајно му треба алиби“, нагласи Филипче.
Линк до видео:



