Објавете ги анализите за водата во Гостивар, на граѓаните не им требаат партиски прослави и здравици

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

СДСМ бара власта веднаш да ги објави официјалните анализи за водата во Гостивар и да соопшти кој ги потпишал и која институција гарантира дека водата е безбедна за пиење.

На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, посочи дека додека граѓаните сè уште ја чекаат вистината и официјалните документи за водата, Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ организираат партиски прослави во Гостивар.

„Вчера Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ славеа во Гостивар, во градот каде над 5.000 граѓани беа отруени. Што славеа, труењето на граѓаните? Мицкоски нема ниту трошка морал. Ниту срам. Наместо одговорност за една од најголемите здравствени кризи во Гостивар, партиска прослава“, рече Поповиќ.

Таа нагласи дека граѓаните на Гостивар 22 дена пиеле вода со фекалии, над 5.000 луѓе завршиле во болница, а пет недели подоцна сè уште нема јавно објавен документ, извештај или потврда за водата во градот.

„Ако сè е во ред тогаш прашањето е многу едноставно: Зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, праша Поповиќ.

Токму необјавувањето на официјалните документи создава несигурност и недоверба кај граѓаните, особено по серијата контрадикторни информации за состојбата со водата.

„Министерот Клековски вели дека анализи на водата се прават секојдневно. Ако анализите се прават секој ден, каде се резултатите зошто не се објавени? Пет недели власта тврди дека водата е исправна, а пет недели нема јавен документ што го потврдува тоа“, рече Поповиќ.

Наместо стручни лица и надлежни институции кои јавно и со официјален документ ќе ја потврдат безбедноста на водата, граѓаните со недели слушаат различни изјави од претставници на власта.

„Стручно лице кое ќе застане пред јавноста – нема. Институција која со потпис и печат ќе потврди дека водата е безбедна – нема. Само изјави, контрадикторни информации и ‘чувства’“, истакна Поповиќ.

СДСМ повторно бара итно објавување на сите анализи и официјални документи за квалитетот и безбедноста на водата во Гостивар.

„Граѓаните на Гостивар не бараат славење, партиски прослави и здравици. Бараат документ и бараат чиста вода. Бараат вистина, бараат одговорност. Објавете ги веднаш анализите за водата во Гостивар“, порача Наташа Поповиќ.

Линк до видео: