АКТ: ДКСК да ја прошири истрагата за Андоновски со новата фирма „Нома солушнс“

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

ДКСК да ја прошири истрагата за министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски со новите информации за фирмата „Нома систем солушнс“ и договорите вредни 1,5 милиони евра, побара Јон Фрчкоски, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.

„Ова е продолжение на скандалот кој веќе го објавивме, тоа се тендерите на фирмата „Матео Дизајн“, на сопругот на државната секретарка Клинчарова, Мартин Клинчаров, вредни 50 илјади евра. Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за овој случај, и тука застана. ДКСК застана ама АКТ не застанува. Затоа што и тендерите во Министерството за дигитална трансформација не застануваат. АКТ денеска обелоденува како оваа семејно-тендерска мрежа не само што продолжила, туку драматично се покачила, во вредност, во пари. 1,5 милиони евра, народни пари“, обвини Фрчкоски.

Фрчкоски посочи дека Андоновски склучил три нови милионски договори со фирмата „Нома систем солушнс“, подружница во Скопје.

„Бидејќи директното доделување на државни пари кон сопругот на Клинчарова станало премногу ризично по отворањето на првата афера, екипата вовела новитет. Андоновски склучува три нови милионски договори со фирмата „Нома систем солушнс“, подружница во Скопје. Станува збор за тендери за одржување на Системот за управување со документи вреден, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити. 1,5 милиони евра. Клучното прашање е кој стои зад оваа фирма? Како управител на фирмата се јавува извесен Владимир Симовски. Истиот тој Владимир Симовски е поранешен директен бизнис партнер и косопственик токму со Мартин Клинчаров (сопругот на државната секретарка) во фирмата „СВАГ ФУД ДОО Скопје“, потенцираше Фрчкоски.

За скандалот да биде уште поочигледен, сопственички удел во оваа компанија има и фирмата „Матео Дизајн“, која е во сопственост токму на сопругот на Клинчарова.

Фрчкоски рече дека со појавувањето на новата фирма се продолжуваат истите деловни врски и побара ДКСК да ги провери новите информации и да го прошири првичниот предмет.

„Трансформацијата во министерството на Андоновски кон „Нома солушнс“ и партнерот на Клинчаров е со една и единствена цел – да продолжат семејно-тендерските врски и да се испумпаат државните пари кон луѓе блиски. А сето тоа да се сокрие од очите на јавноста по избувнувањето на првиот скандал! Нема криење од АКТ, нема бегање од одговорност. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Откако заспавте и сѐ уште не го затворивте првичниот предмет кој го оформивте пред повеќе од една година, еве ви идеална прилика истиот да го дополните со овие факти и докази! Бараме итно проширување на истрагата и следење на секој денар кој се слева на сметките на овие поврзани субјект. А, од министерот Андоновски, кој дозволи неговото министерство да функционира како затворен семејно-деловен круг, граѓаните не очекуваат извинувања – туку итна оставка и одговорност!, посочи Фрчкоски.

Линк до видео: