Владата нема одговори ниту за лошиот животен стандард на граѓаните, ниту за европската интеграција, ниту за начинот на кој ја води надворешната политика, обвини портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
„Единствената тема каде што не можете да ги лажете граѓаните е економијата и финансиите. Зошто Владата не прифаќа да ја покачи минималната плата на 600 евра? Кои плати ги покачи ВМРО? Како Влада дефинитивно покажаа дека немаат никаков капацитет, првенствено за социјален дијалог, а потоа и за сè останато. Влада која нема никаков осет за граѓаните и вели дека тие живеат подобро – не знам со кого се опкружени. Можеби во Белата палата уште им свети во очи онаа вазна од 180.000 евра, па веруваат дека сите така живеат. Но, вистината не е таква. Граѓаните тонат во сиромаштија“, потенцираше Кузеска.
Таа потсети и на политиките на СДСМ во периодот кога партијата беше на власт.
„Ние платите ги зголемивме за четири пати, можеби и пет, додека бевме на власт, а ВМРО не прифаќа ниту 600 евра и на тие на кои не прифаќаат да им ги покачат платите им велат дека добро живеат“, посочи Кузеска.
Во контекст на европскиот пат на државата, Кузеска нагласи дека СДСМ останува на политиките за членство во Европската Унија.
„Ние продолжуваме со политиките што ја внесуваат земјата во Европската Унија. И ВМРО точно знае дека уставните измени не се предавнички, ниту дека Преспанскиот договор е предавнички, ниту дека Договорот со Бугарија има нешто предавничко. Но, шират лаги и невистини затоа што не сакаат во ЕУ“, потенцираше Кузеска.
Кузеска потсети и на средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио, при што го критикуваше начинот на кој Владата ја претставува својата дипломатска активност во САД.
„За 45 секунди средба со Рубио, каде што Тимчо Муцунски му кажува: ’Ова е нашиот премиер‘, во ходник. И тие зборуваат за дипломатија каде што не може да се најде средбата ниту на сајтот на Стејт департментот, ниту во Белата куќа, ниту на профилите на тие имиња коишто ги спомнаа дека имале средби“, рече Кузеска.

